Трамп: Мислам дека можеби имаме договор за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп им изјави на новинарите во Белата куќа дека верува оти е многу блиску до договор за Газа, непосредно пред да се качи во хеликоптерот „Марин Уан“, објави „Скај њуз“.

„Мислам дека можеби имаме договор за Газа“, рече Трамп, додавајќи: „Многу сме блиску до договор за Газа и изгледа дека имаме договор“, додаде тој.

Тој нагласи дека верува оти договорот ќе обезбеди враќање на заложниците и дека „тоа ќе биде договор што ќе ја заврши војната“. Трамп не даде понатамошни објаснувања за своето тврдење.

Претходно денес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше првиот говорник на денот на 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, а неговиот говор беше одржан во атмосфера што ретко се гледа. Штом излезе на говорницата, околу стотина делегати од различни земји станаа и ја напуштија салата во знак на протест против политиката на Израел во Газа.

На самиот почеток, Нетанјаху рече дека Израел „мора да ја заврши работата против Хамас во Газа“. Потоа директно му се обрати на Хамас. „Спуштете го оружјето. Пуштете ги моите луѓе. Ослободете ги заложниците. Сите, сите 48. Ако го направите тоа, ќе преживеете. Ако не, Израел ќе ве гони“, рече тој.

Нетанјаху голем дел од својот говор го посвети на одбрана на воената кампања на Израел и отфрлање на обвинувањата за геноцид. „Обвинението за геноцид е лажно. Се вели дека Израел намерно ги таргетира цивилите. Дами и господа, вистината е спротивна“, рече тој.

фото: принтскрин

Scroll to Top