Антонио Бандерас за односот со поранешната сопруга: Се гледаме и одлично си поминуваме

Антонио Бандерас откри дека и повеќе од една деценија по разводот останал многу близок со поранешната сопруга, Мелани Грифит. Актерот вели дека таа и денес е една од неговите најдобри пријателки и дека редовно се гледаат, пишува „Пипл“.

Бандерас и Грифит се венчаа во мај 1996 година, а во септември истата година ја добија ќерката Стела. Грифит поднесе барање за развод во 2014 година, а бракот официјално заврши во декември 2015 година.

„Кога и да одам во Лос Анџелес, задолжително се гледаме и одлично си поминуваме. Се смееме и едноставно… мислам дека тоа е многу здраво, а беше добро и за нашите деца“, изјави Бандерас.

Како клуч за добриот однос по разводот ја посочи искреноста.

„Додека бевме заедно, но и кога се разделувавме, секогаш бевме многу искрени еден кон друг. Се разделивме во добри односи, а тоа беше многу важно и за децата и за нас“, рече актерот.

Бандерас се осврна и на срцевиот удар што го доживеа во 2017 година, за кој денес вели дека му го променил погледот кон животот и го натерал да ги преиспита своите приоритети.

„Премногу се грижев за неважни работи. Понекогаш забораваме дека ќе умреме“, рече тој, додавајќи дека повеќе не сака да собира материјални работи, туку искуства.

„Единственото нешто што сега ме интересира е да живеам и да доживувам“, заклучи Бандерас.

Актерот моментално го промовира филмот „Тони“, биографска драма за познатиот готвач, писател и телевизиски водител Ентони Бордејн.

Scroll to Top