Бројот четири ја одбележа најуспешната година на Влатко и Златко Миладиноски

Четири турнеи на четири континенти, четири големи солистички концерти, четири значајни награди и признанија, а наскоро и четврти солистички албум – бројот четири на необичен начин ја одбележа изминатата година во кариерата на Влатко и Златко Миладиноски.

Во изминатиот период, македонската музика ја претставија пред публиката во Америка и Канада, Европа, Азија и Австралија. Четирите меѓународни турнеи ја потврдија нивната сè поголема популарност меѓу македонската дијаспора, но и посветеноста со која ја промовираат македонската песна надвор од границите на земјата.

Истовремено, зад нив се и четири солистички концерти одржани на некои од најзначајните концертни сцени во Македонија – Македонската опера и балет во Скопје, Античкиот театар во Охрид, арената „Борис Трајковски“ во Скопје и античкиот локалитет Хераклеа во Битола.

Секој од концертите понуди различно музичко и сценско доживување, но сите ги обединија препознатливиот звук на Миладиноски, македонската традиција и силната поврзаност со публиката.

Успешната година беше заокружена и со четири награди и признанија. Влатко Миладиноски ја доби наградата „Фолк концерт на годината“ на „Златна бубамара на популарноста“, како и признанието „Фолк пејач на годината“ на „Лазаров Awards“. Од Општина Кисела Вода му беше доделен „Златен клуч“ и признанието „Заслужен граѓанин“, додека македонскиот бренд RVR му подари специјално уметнички изработени патики, создадени во само еден примерок, како признание за неговиот досегашен труд и придонес.

Симболиката на бројот четири продолжува и во приватниот и во професионалниот живот на пејачот. Влатко се наоѓа во четвртата деценија од својот живот, а во подготовка е и неговиот четврти солистички албум. До неговото целосно комплетирање недостасуваат уште само четири песни.

„Дури сега, кога ги сумиравме сите активности и успеси од изминатата година, забележавме колку често се повторува бројот четири. Не знаеме дали е случајност, симболика или предзнак, но сакаме да веруваме дека најголемите успеси допрва доаѓаат. Благодарни сме ѝ на публиката што постојано е со нас и заедно со нас го живее ова музичко движење“, велат Влатко и Златко Миладиноски.

Дали „четворката“ е само интересна случајност или најава за ново големо поглавје во нивната кариера, ќе покаже времето. Засега е сигурно дека подготовките за новиот албум продолжуваат, а публиката наскоро може да очекува нови песни и музички проекти од Влатко и Златко Миладиноски.

Scroll to Top