(Видео) На мост на Дунав организиран заеднички појдок за два соседни народи

Жителите на Естергом во Унгарија и Штурово во Словачка вчера организираа заеднички појадок на мостот „Марија Валерија“ над Дунав, кој ги поврзува двата града, за да го прослават пријателството меѓу двата соседни града.

Учесниците од двата града поставија бројни маси на мостот за заеднички појадок со кроасани, шунка, сирење и кафе, а на самото место се создаваа и нови прекугранични познанства, пренесува Ројтерс.

Организаторот на заедничкиот појадок, Норберт Наѓ, изјави дека смета оти „жителите на Естергом и Паркањ би можеле малку повеќе да се дружат“.

Етничките Унгарци сочинуваат околу девет отсто од населението на Словачка, земја со 5,5 милиони жители, а голем број од нив живеат во Штурово, град кој на унгарски е познат како Паркањ.

Мостот „Марија Валерија“, кој ги поврзува Естергом и Штурово, двапати бил уриван и повторно граден откако првпат бил отворен во 1895 година.

Кон крајот на 1944 година, пред завршувањето на Втората светска војна, германските трупи кои се повлекувале го кренале во воздух средишниот дел од мостот. Потоа мостот речиси 60 години останал запуштен, а луѓето преку Дунав преминувале со траект.

Мостот бил реконструиран и повторно отворен во својот оригинален изглед во 2001 година.

Унгарија и Словачка имаат отворени граници откако двете земји во 2007 година се приклучија на европската Шенген-зона.

Scroll to Top