Нова студија покажа дека жените во едно планинско село во срцето на Сардинија живеат исклучително долго. Градот Болотана, кој се наоѓа на околу 110 километри од веќе познатата сардинска „Сина зона“ на долговечност, би можел да биде ново жариште од овој вид.
Истражувањето објавено во списанието Frontiers in Aging откри дека жените во Болотана имаат статистички значително подолг животен век, пренесува „Science Alert“.
Жените во ова село имаат речиси 14 отсто шанси да ја дочекаат 100-тата година од животот.
Анализата на демографските податоци од 2021 до 2025 година покажува дека 70-годишна жена во Болотана може да очекува да живее уште во просек 20,85 години. За споредба, во провинцијата Нуоро – каде што се наоѓа Болотана – тој просек изнесува 18,61 година; за Сардинија во целина е 18,4 години; а за Италија – 18,06 години.
Уште поимпресивен е податокот за веројатноста дека 70-годишна жена од Болотана ќе ја дочека 100-тата година. Таа изнесува 13,83 отсто, додека во провинцијата Нуоро е 4,33 отсто, во Сардинија 4,43 отсто, а во Италија во целина – само 3,54 отсто.
Истражувачите пресметале дека веројатноста 70-годишна жена од Болотана да доживее 100 години е трипати поголема отколку кај жените во САД. Во однос на животниот век и шансите за достигнување на 100-годишна возраст, жените во Болотана се рангирани меѓу најдобрите во светот, веднаш зад Хонг Конг. „Овие жени можеби имаат најдолг животен век во светот.“
Епидемиологот и коавтор на студијата, С. Џеј Олшански од Универзитетот во Илиноис во Чикаго, смета дека оваа женска популација има најдолг животен век во светот – или барем спаѓа меѓу оние со најдолг животен век. „Ако можеме да ги идентификуваме карактеристиките што стојат зад оваа долговечност и да им помогнеме на луѓето да ги усвојат, остатокот од светот би можел да има корист од разбирањето на вредностите што ги негуваат овие заедници“, рече тој.
Мажите исто така имаат значително поголеми шанси да доживеат 100 години.
И мажите во Болотана се долговечни, иако трендот кај нив не е толку изразен. Седумдесетгодишен маж во Болотана може да очекува дека во просек ќе живее уште 16,02 години – што е малку повеќе од италијанскиот просек од 15,48 години.
Сепак, нивните шанси да доживеат 100 години се значително поголеми отколку кај останатите Италијанци. Проценетата веројатност изнесува 4,92 отсто, што е повеќе од трипати над националниот просек од 1,41 отсто.
Но, постои важна напомена: претходните податоци укажуваат на поинаква слика.
Авторите на студијата истакнуваат дека, поради малата бројност на населението во Болотана, резултатите се многу чувствителни на промените во рамките на набљудуваниот период. На пример, при анализата на периодот од 2015 до 2019 година, проценетата веројатност дека 70-годишните жени ќе доживеат 100 години изнесувала само 1,46 отсто – што е значително помалку од 13,83 отсто забележани за периодот 2021–2025 година.
Во тоа време, очекуваното преостанато времетраење на животот за 70-годишните жени изнесувало 18,3 години, што сепак било над националниот просек.
Која е тајната на долгиот живот? Научниците имаат неколку теории.
Сè уште не се знае точно што им овозможува на жените од Болотана да живеат толку долго. Истражувачите истакнуваат дека утврдувањето на причините не било цел на оваа демографска анализа, но сметаат дека идните студии треба да ги истражат потенцијалните биолошки фактори, како и навиките поврзани со начинот на живот и социјалните околности.
Во својот труд, тие наведуваат дека „неколку механизми би можеле да придонесат за изразената предност во долговечноста кај жените, вклучувајќи го генетското наследство, навиките во исхраната, физичката активност, семејната поддршка, социјалната кохезија и пристапот до здравствена заштита“.
Животната средина исто така може да игра улога. Олшански забележува дека жителите живеат на стрмен, ридест терен, сами ја одгледуваат поголемиот дел од храната и ретко се соочуваат со социјална изолација.
„Тоа е заедница со силни меѓусебни врски, каде што луѓето се грижат едни за други. Тие се движат главно пеш, наместо да користат автомобили“, вели Олшански.
Селото има население од нешто повеќе од 2.000 луѓе.
Научниците се заинтересирале за Болотана – која во времето на студијата имала 2.266 жители – поради невообичаено големиот број стогодишници.
Олшански додава дека местото поседува исклучително добро зачувани историски записи, што овозможува прецизна проверка на возраста на жителите.
„Општинските и црковните записи датираат од пред неколку века, па можевме независно да ја потврдиме возраста. Можеме да ги потврдиме податоците за секое лице што живеело подолго од 100 години. Во тоа нема никаков сомнеж“, рече тој.
Дали жителите на ова село можат да ја откријат тајната за подолг живот?
Точниот придонес на секој од овие фактори кон долговечноста допрва треба да се утврди. Сепак, сега кога Болотана го привлече вниманието на истражувачите, се очекува таа да стане предмет на понатамошни студии.
„Сега знаеме дека во Болотана се случува нешто извонредно“, вели коавторот на студијата и истражувач Ден Бутнер, основач на „Blue Zones“ (Сини зони).
„Следниот чекор е да разбереме зошто е тоа така и дали овие сознанија можат да им помогнат на луѓето на други места да живеат подолго и поздраво.“







