Американскиот технолошки гигант „Епл“ соопшти дека дел од производството на компјутерот „Мек мини“ ќе го пресели од Азија во Хјустон, САД, а производните линии треба да почнат со работа до крајот на годинава.
Овој потег се надоврзува на најавата од август за инвестиции од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години. Во Хјустон е предвиден и центар за обука за напредно производство, а проширувањето, според компанијата, ќе отвори илјадници нови работни места.
Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на „Епл“ со царина од 25 отсто за производи произведени во странство. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил овластувањата со измената на царините. Трамп потоа најави привремени царини од 10 отсто, со важност до 180 дена.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто одлучна да ја поддржи иднината на американската индустрија“.
И покрај тоа, најголемиот дел од производството на „Епл“, вклучувајќи ги „ајфон“ и „ајпад“, и натаму се одвива во Азија, претежно во Кина, иако дел е префрлен во Виетнам, Тајланд и Индија.







