Концерт на Никола Роквиќ на 15 август во Охрид

Еден од најценетите и најдоследни вокали на регионалната музичка сцена, Никола Роквиќ, ова лето доаѓа во Охрид каде на 15 август ќе одржи концерт на сцената на Античкиот театар, простор кој со децении претставува симбол на културната и музичката ексклузивност во регионот.

Со кариера изградена на континуитет, уметничка зрелост и јасна естетика, Роквиќ со години се издвојува како автор и интерпретатор кој не брка моментални трендови, туку создава репертоар со трајна вредност. Неговите песни се препознатливи по емоционалната длабочина и вокалната сигурност, што му обезбедија верна публика која го следи низ различни фази од неговото творештво.

Публиката во Охрид, ќе има можност да ги слушне најзначајните композиции од неговиот опус, изведени во продукциски и сценски формат, соодветен на локацијата и карактерот на настанот.

Уникатната акустика, отворената сцена и историскиот амбиент создаваат услови за концерт со посебна емоционална димензија, каде секоја нота и секој стих добиваат подлабоко значење. Комбинацијата на автентичниот вокал на Роквиќ и просторот кој носи вековна културна меморија, ветува вечер со силен уметнички печат.

Концертот на Никола Роквиќ на 15 август во Охрид не е само уште една точка во летната концертна програма, овој концерт се вбројува меѓу оние летни културни настани кои освојуваат со содржина, емоција и уметничка зрелост, а воедно го заокружува неговиот континуиран уметнички развој и го потврдува како еден од оние изведувачи чии песни не поминуваат, туку остануваат.

Билетите за овој концерт се веќе пуштени во продажба и истите може да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, Розе Веро 2, Јк травел во Бисер и Јк травел Дајмонд.

Scroll to Top