Лејди Гага и нејзиниот свршеник Мајкл Полански го добија своето прво дете. Засега не се објавени полот и името на бебето, ниту точниот датум на раѓање.
Четириесетгодишната музичка ѕвезда и 42-годишниот претприемач биле забележани заедно со бебето во Северна Калифорнија, а „Page Six“ објави и фотографии од тричленото семејство.
Веста доаѓа по неколку месеци во кои Гага и Полански речиси целосно се повлекоа од јавноста, што предизвика различни шпекулации за нивната врска.
Гага, чие вистинско име е Стефани Џерманота, последен пат била забележана во јавноста во август, кога во Северна Калифорнија се фотографирала со обожавател. Претходно, во мај, присуствувала на настан во Лос Анџелес.
Во април ја заврши светската турнеја „The Mayhem Ball“, која траеше речиси девет месеци и опфати 86 концерти.
Извор близок до пејачката за „Page Six“ изјавил дека таа практично немала приватен живот уште од својата 22-годишна возраст и дека по завршувањето на турнејата решила да се повлече.
„Сè е во ред. Создадоа неверојатна оаза на љубов. Изгледа дека тоа за неа е многу безбедно место“, изјавил изворот, додавајќи дека луѓето околу Гага се среќни што Полански е покрај неа.
Гага и Полански се во врска од 2019 година, а се свршија во март 2024 година. Пејачката во изминатите години во повеќе наврати отворено зборуваше дека сака да стане мајка.
„Многу се радувам што ќе станам мајка. Порано имав многу стравови во врска со тоа“, изјави таа во март 2025 година за „Њујорк тајмс“.
Тогаш рече дека за неа е најважно нејзините деца да имаат слобода сами да го изберат својот животен пат.
„Најважно ми е да не ги терам моите деца да живеат живот што самите не го избрале. Колку повеќе простор им дадеме да откријат кои се, толку подобро“, рече Гага.
Неколку месеци подоцна, во октомври 2025 година, повторно зборуваше за мајчинството во емисијата на Стивен Колбер.
„Би сакала да правам многу работи. Сите опции се отворени. Но, она што навистина го сакам е да бидам мајка. Се надевам дека тоа ќе биде мојата следна главна улога“, изјави тогаш Гага.
Помалку од една година подоцна, таа и Полански станаа родители за првпат.







