Најдобриот и најважниот совет за слабеење што некогаш ќе го прочитате

За да се ослободите од вишокот килограми, клучни се разновидната и урамнотежена исхрана и физичката активност, но постои уште еден чекор што многумина го занемаруваат.

Кога сакаме да ослабеме, обично се фокусираме на тоа што јадеме и колку вежбаме. Сепак, истражувањето од 2011 година, спроведено од експерти од Техничкиот универзитет во Лисабон и Универзитетот во Бангор, покажа дека начинот на кој го доживуваме сопственото тело може да игра значајна улога во успехот.

Во истражувањето учествуваа жени со прекумерна тежина кои цела година се обидувале да ослабат. Една група добивала стандардни совети за здрава исхрана, справување со стресот и грижа за себе, додека другата група – во текот на 30 неделни сесии – работела и на својот однос кон телото, на емоционалното прејадување, на физичката активност и на препознавањето на пречките што би можеле да го попречат слабеењето.

Резултатите беа впечатливи: жените што учествуваа во програмата насочена кон сликата за сопственото тело помалку се грижеле за својот изглед и полесно ги контролирале навиките во исхраната. Во просек, тие изгубиле околу седум проценти од почетната телесна тежина, додека другата група изгубила помалку од два проценти.

Д-р Педро Теишеира, кој го предводеше истражувањето, истакна дека проблемите со сликата за сопственото тело се многу чести кај луѓето со прекумерна тежина и можат да доведат до емоционално прејадување или до премногу рестриктивни диети, пренесува „Science Daily“. „Нашите резултати покажаа силна поврзаност помеѓу подобрената слика за телото – особено намалувањето на стравот од мислењето на другите – и позитивните промени во однесувањето поврзано со исхраната“, посочи д-р Теишеира, додавајќи:

„Затоа сметаме дека поздравиот однос кон сопственото тело е клучен дел од одржувањето на постигнатата тежина и дека овој аспект треба да се вклучи во секоја програма за регулирање на телесната тежина.“

Со други зборови, целта не мора да биде веднаш да го засакате секој аспект од вашиот изглед. Доволно е едноставно да престанете да бидете во постојана војна со сопственото тело, бидејќи поздравиот однос кон себеси може да биде витален дел од патот кон промените што ги посакувате.

Scroll to Top