Род Стјуарт откажа концерти поради лоша здравствена состојба

Музичарот Род Стјуарт беше принуден да откаже два концерта во Лас Вегас поради здравствени проблеми, само неколку часа пред да излезе пред публиката.

81-годишниот пејач требаше да настапи во петок и сабота како дел од серијата концерти „The Encore Shows“ во салата Колосеум во хотелот Caesars Palace, но настапите беа откажани по препорака на лекар. Како што потврди неговиот претставник за Las Vegas Review-Journal, Род Стјуарт моментално се опоравува од инфекција на синусите и планира да се врати на сцената на почетокот на следната недела.

Пејачот им се обрати на своите обожаватели преку социјалните мрежи и им се извини за откажувањето на настапот.

„Им се извинувам на моето семејство обожаватели. Мојот глас мора да се одмори додека се опоравувам од инфекција на синусите. Се радувам да ве видам на еден од претстојните концерти во Цезар Палас или за време на летната турнеја“, рече Стјуарт.

Според моменталниот распоред, популарниот рокер треба да ги продолжи своите настапи во Лас Вегас до 6 јуни, додека нови концерти се закажани и за периодот од 18 до 29 август.

Ова не е прв пат Стјуарт да мора да го одложи својот настап во последен момент поради болест. Минатата година тој беше принуден да одложи и концерт во Лас Вегас откако се разболе.

„Жал ми е што морам да ве известам дека не се чувствувам добро и дека вечервашниот настап ќе биде одложен“, им рече тој на фановите во тоа време.

Во текот на изминатата година, тој откажа и неколку концерти во Соединетите Американски Држави откако се зарази со грип. Неговата сопруга, Пени Ланкастер, подоцна откри дека грипот А, еден од најтешките форми на грип, го оставил сериозно ослабен.

„Никогаш не сум го видела толку болен“, рече Ланкастер.

фото/Depositphotos

Scroll to Top