Два проекти во продукција на „Сестри и брат Митевски“ се во фокусот на годинашното издание на Сараевскиот филмски фестивал. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума се натпреварува за „Срцето на Сараево“ за најдобар игран филм, додека серијата „Мала Југославија“ на Теона Стругар Митевска и Соња Просенц ја освои Female Voices CineLink Award, награда за развој во вредност од 20.000 евра.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“, вториот долгометражен филм на Дина Дума, ја имаше својата европска премиера во официјалната натпреварувачка програма на 32. Сараевски филмски фестивал. Филмот, во продукција на Лабина Митевска и реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, е еден од деветте играни филмови во конкуренција за „Срцето на Сараево“.

Филмот има своја историја со Сараево. Во 2022 година, додека сè уште беше проект во развој, на CineLink Co-Production Market освои две награди во вкупна вредност од 20.000 евра. Четири години подоцна се враќа на фестивалот како завршен филм и бележи одличен прием кај публиката. Засега води во рангирањето на играните филмови според гласовите на публиката, а конечните резултати се очекуваат вечерва. Филмот беше прикажан и во програмата за млади.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи единаесетгодишната Адела, која се обидува да ја заштити својата постара сестра Зара од притисоците на традицијата и средината.

Во исто време, серијата во жанрот на хорор-комедија, „Мала Југославија“ (Little Yugoslavia) ја освои Female Voices CineLink Award, награда за развој во вредност од 20.000 евра, во рамки на CineLink Drama, програмата наменета за развој на телевизиски серии.







