Утре во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден на јогата

По повод Меѓународниот ден на јогата, Индиската амбасада во Северна Македонија организира јавен настан што ќе се одржи на 20 јуни, од 10:00 до 12:00 часот, кај Школка во Градскиот парк во Скопје.

Денот на јогата, 21 јуни, е воведен од Обединетите Нации во 2014 година, со поддршка од рекордни 175 земји. Годинешниот Меѓународен ден е под мотото „Јога за здраво стареење“.

На настанот ќе присуствува и учесниците ќе ги поздрави амбасадорот на Индија, Арун Кумар Саху, кој ќе се обрати по повод глобалното одбележување на Денот на јогата.

Сите заинтересирани граѓани се поканети да се приклучат на заедничкото практикување јога, кое ќе го водат искусни јога инструктори. Настанот ќе биде збогатен со пригодна музика и пријатна атмосфера во природното опкружување на Градскиот парк.

Организаторите ги замолуваат посетителите да понесат своја подлога за вежбање.

За сите учесници се обезбедени пригодни маички, плакети за учество и освежување.

Меѓународниот ден на јогата се одбележува ширум светот на иницијатива на Индија и под покровителство на Обединетите нации цели кон промовирање на физичкото и менталното здравје, хармонијата и здравиот начин на живот.

Влезот и учеството се бесплатни.

 

фото/Depositphotos

Scroll to Top