(Видео) Во септември, светска и македонска премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“

По светската премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург, македонскиот долгометражен филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, што ќе се одржи од 19 до 25 септември.

„Филмот на затворањето, исто така, ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, кинематограф е Дејан Димески, еден од позначајните кинематографери од новата македонска филмографија“, изјави селекторот на програмата Слаѓан Пенев.

Изборот на филмот за затворањето на „Браќа Манаки“ го става неговото домашно деби во централниот фестивалски термин. Македонската премиера доаѓа непосредно по меѓународното деби на филмот во Германија. Од 16 до 20 септември, „Нема да ви се верува што се случи претходно“ ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на 33. Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија.

Олденбург повеќе од три децении е една од значајните европски платформи за независна кинематографија, а во меѓународните филмски кругови е познат и како „Европскиот Санденс“. Така, во период од само десетина дена, филмот ќе го започне својот фестивалски живот со две значајни премиери: светската, пред меѓународната публика во Германија и македонската, пред домашната публика во Битола.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“, кој меѓународно ќе биде претставен под насловот „You Won’t Believe What Happened Before“, е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.

Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.

Директор на фотографија е Дејан Димески, чија работа особено ќе биде во фокусот на „Браќа Манаки“, фестивал посветен на уметноста на кинематографијата. Монтажер е Mартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.

 

Scroll to Top