(Видео) Марк Закерберг повторно е хит на интернет, овојпат поради начинот на кој пие пиво

Марк Закерберг повторно стана предмет на потсмев на социјалните мрежи, овојпат поради начинот на кој пие пиво. Снимка на која првиот човек на „Мета“ пробува „Гинис“ предизвика лавина коментари, а многумина се пошегуваа дека Закерберг сè уште учи како да се однесува како човек.

Снимката е направена за време на неговото гостување во технолошкиот подкаст „Cheeky Pint“, чиј водител е Џон Колисон, коосновач на компанијата „Страјп“. Во разговорот учествувал и Александер Ванг, директорот за вештачка интелигенција во „Мета“, а главна тема биле плановите на компанијата во оваа област.

Бидејќи подкастот е замислен како опуштен разговор за технологија со пиво, Закерберг решил да донесе буре „Гинис“ од Даблин. Меѓутоа, наместо дискусијата за вештачката интелигенција, вниманието на интернет-корисниците го привлекол моментот кога тој ја подигнал чашата и се напил.
Неговото вкочането држење, стиснатите усни и гримасата по голтката биле доволни за да започнат шегите.

„Сигурно размислува: ‘Што би направил вистински човек сега?’“, напишал еден корисник.

„Зак сè уште учи како се прават човечки работи“, додал друг.

„Најдобриот дел е како по голтката ја оддалечува чашата што е можно подалеку од себе“, забележал трет.

Друг корисник се пошегувал дека неговиот „роботски мозок се обидувал да сфати дали темната течност е кока-кола или кафе“.

Ова не е првпат Закерберг да биде споредуван со робот. Слични реакции предизвика и во 2018 година, кога сведочеше пред американскиот Конгрес за постапувањето на „Фејсбук“ со корисничките податоци. Неговото однесување и начинот на кој пиеше вода тогаш станаа интернет-мем.

Во 2022 година, гостувајќи кај Џо Роган, Закерберг се осврна на тие шеги, објаснувајќи дека сведочењето пред Сенатот не е ситуација во која човек може да изгледа природно. Тој додаде дека по шест или седум часа испрашување секој би можел да направи необична гримаса.

Сепак, дел од интернет-корисниците сметаат дека неговата реакција има многу поедноставно објаснување – можеби едноставно не му се допаднал вкусот на „Гинис“, темно пиво со карактеристична горчина.

Но, за оние што со години се шегуваат на сметка на Закерберг, тоа не е доволно забавно објаснување.

„Неверојатно е како секојпат кога ќе се обиде да направи нешто човечко, едноставно се расипува“, заклучил еден коментатор.

Scroll to Top