Меган Фокс има нов ангажман – таа стана заштитно лице на лек за еректилна дисфункција. Во новата рекламна кампања за здравствената компанија „Ro“, актерката толкува измислен лик по име Ро Спаркс, според кој е именуван и самиот лек. За потребите на снимањето, 40-годишната ѕвезда на филмот Jennifer’s Body носи црвен, тесен комбинезон со логото на брендот.
„Родена сум за ова“
„Лично, чувствувам дека сум родена за ова. Не постои подобра личност за овој проект“, изјави Фокс во интервју за магазинот People.
„Зошто да се отежнува една веќе тешка тема? Самата проблематика е доволно сериозна, па ајде барем да ја направиме забавна.“
„Ro Sparks“ е лек за еректилна дисфункција што се издава на рецепт. Тој содржи силденафил – активната состојка во „Виагра“ и тадалафил, активната состојка во „Сиалис“. Според компанијата „Ro“, лекот се раствора под јазикот за побрзо дејство.
Во рекламата, Фокс се појавува како персонификација на самиот лек, пренесувајќи информации за производот до публиката преку низа духовити забелешки. „Ако добиете рецепт, јас се појавувам директно пред вашата врата. Не грижете се, моето пакување е многу дискретно“, вели таа во еден момент од рекламата.
Фокс за списанието „Пипл“ изјави дека се надева оти хумористичниот пристап на кампањата ќе помогне да се отстрани стигмата поврзана со разговорите за еректилната дисфункција. „Не сте расипани. Ништо не ви фали. Тоа е тема за која може да се разговара и не мора да се криете“, рече таа.







