Одгледувањето сопствени домати е една од оние градинарски активности што навистина се исплатат. Освен што обезбедуваат свежи, вкусни и хранливи плодови, домашните домати често по вкус ги надминуваат оние на полиците во супермаркетите. Дополнителна предност е и големиот избор на сорти што може да се одгледуваат – од чери домати до големи месести сорти – а секоја од нив има различен вкус, форма и намена во кујната.
Но, за која било сорта да успее добро, градинарите во мај мора да обрнат внимание на една важна работа. Говорејќи за клучните задачи на отворено, познатиот градинар Монти Дон истакна на својот блог дека токму сега е вистинското време за садење домати, но со едно важно предупредување што градинарите треба сериозно да го сфатат.
Монти нагласи дека доматите на почетокот на мај смеат да се садат само во стаклена градина, додека за садење на отворено треба да се почека до крајот на месецот.
„Време е за садење домати во стаклена градина, иако за оние на отворено треба да се почека до крајот на месецот. Причината е што доматите не поднесуваат големи температурни осцилации, а мајските ноќи можат да бидат студени, особено ако деновите се топли“, изјавил тој.
Со неговиот совет се согласува и градинарската експертка Џејн Перон, авторка на повеќе книги за градинарство и водителка на подкаст за растенија.
„Грешка број еден во мај е тоа што времето нè залажува и ни создава лажно чувство на сигурност, па доматите ги садиме прерано. Доматите престануваат да растат кога ноќната температура ќе падне под 10 до 12 степени Целзиусови, а идеално е преку ден да имаат околу 15 степени. Мразот ќе ги уништи, затоа почекајте целосно да помине опасноста од мраз пред трајно да ги пресадите надвор“, рекла таа.
Ако доматите се засадат прерано, додека почвата е сè уште премногу студена, тоа може да го забави нивниот развој, да го наруши опрашувањето и да доведе до послаб квалитет на плодовите. Влажните услови дополнително го зголемуваат ризикот од појава на габични заболувања.
Од друга страна, кога доматите се пресадуваат на отворено кон крајот на мај, ризикот од штета од мраз е значително помал бидејќи времето тогаш обично станува многу посончево и потопло.
Оние што почнуваат порано и садат домати во стаклена градина треба да обезбедат доволно количество земја збогатена со квалитетен компост. Ако ги садат во саксии, тие треба да бидат длабоки најмалку 30 сантиметри за коренот правилно да се развива.
Монти советува доматите да се садат подлабоко.
„Засадете ги длабоко, така што ќе ги закопате до долниот лист, бидејќи закопаниот дел од стеблото ќе развие дополнителни корени“, рекол тој.







