По неколку години во текот на кои го привлече вниманието на публиката со фестивалски настапи и соработки, Ана Петан го објавува својот прв студиски албум „Само љубов постои“. Дебитантското издание, објавено за Croatia Records, е достапно на сите дигитални платформи и воедно го претставува нејзиниот прв целосен музички исчекор кон хрватската публика.
Албумот содржи десет песни кои најдобро го претставуваат досегашниот музички пат на Ана. Меѓу нив е и „Љубовта секогаш победува“, песна која на меѓународниот фестивал „Бисер Јадрана“ ѝ ја донесе наградата за најдобра интерпретација. На албумот се наоѓаат и хрватските верзии на песните „Балада за ангел“ и „Со тебе до ѕвездите“, кои претходно беа објавени на македонски јазик, а двете веќе добија и свои видеоспотови.
Посебно место зазема и дуетот „Небо“, кој Ана го сними со легендарниот Дадо Топиќ. Покрај заедничката изведба, Топиќ го потпишува и текстот на песната. Како автори на албумот учествуваа Душан Бачиќ, Григор Копров, Роберт Пилепиќ и Стефан Петановски.
Родена во Скопје во 2003 година, Ана Петановска се занимава со музика од најраното детство. Пред да ја започне соло кариерата, учествуваше во бројни студиски проекти, а на пошироката публика ѝ се претстави во 2022 година како придружен вокал на македонската претставничка Андреа на Евровизија во Торино. Истата година ја започна и соло кариерата, по што следуваа фестивалски настапи и признанија кои дополнително ја афирмираа како една од поинтересните млади изведувачки од својата генерација.
Албумот „Само љубов постои“, под закрилата на Croatia Records, ги обединува песните создадени во текот на последните години, но и јасно го покажува правецот во кој Ана сака да ја гради својата кариера. Албумот е достапен за дигитално слушање преку линкот: https://ampl.ink/Xxezp







