Британскиот музичар, Елтон Џон, неодамна откри дека, и покрај тоа што го губи видот на десното око, не ја губи вербата во медицинскиот напредок.
Во интервју за списанието „Варајати“, 78-годишниот уметник проговори за својата кариера и секојдневниот живот откако целосно го изгуби видот на тоа око во 2024 година.
Како што раскажа, последните 15 месеци биле исклучително тешки:
„Беше катастрофално. Бидејќи го изгубив видот на десното око, а левото не е во добра состојба, не можев да гледам, читам или да видам ништо јасно.“
За време на летниот одмор во Франција истата година, Џон доби инфекција која ги зафати двете очи. Сепак, и покрај сериозните заболувања, тој се обидува да го одржи оптимизмот.
„Имав неверојатен живот и има надеж. Морам да бидам трпелив и да верувам дека науката ќе ми помогне еден ден. Не смееме да се откажеме, мора да бидеме силни, стоички и постојано да се обидуваме да најдеме начин да ги подобриме работите“, рече тој.
Тој изрази благодарност што сè уште може да пее, да свири и да се потпре на силниот систем на поддршка што ги вклучува сопругот Дејвид Фурниш, нивните синови Закари (14) и Елајџа (12), како и блиски пријатели.
„Понекогаш целиот овој товар ме обесхрабрува, но на крајот, имам прекрасно семејство, одлични деца и него“, додаде тој.







