Започнува јубилејното 15 издание на „Виноскоп“

Градскиот парк, на познатата локација „Школка“, од утре, среда, 13 мај 2026 година, повторно станува место на добра енергија, врвно македонско вино, богата гастрономија и квалитетна музика.

Со почеток во 18:00 часот, започнува јубилејното 15. издание на фестивалот на виното „Виноскоп 2026“, кој годинава ќе трае пет дена, сè до недела, 17 мај 2026 година, под покровителство на Град Скопје.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарии и производители на квалитетно македонско вино, претставени на фестивалските штандови.

Покрај винската понуда, „ВИНОСКОП 2026“ ќе понуди и богата гастрономска содржина, како и разновидна музичко-забавна програма со домашни изведувачи, бендови и диџеи.

Програмата започнува во 18:00 часот во среда и четврток, во 17:00 часот во петок, а во сабота и недела ќе започне од 12:00 часот.

Годинава фестивалот ќе понуди и тематски музички вечери, како и дневна програма под концептот „Блуз и вино“, создадена за сите љубители на добриот звук, убавата дружба и автентичниот вкус.

Scroll to Top