Ако ги сакате хортензиите, дознајте како да ги засадите наесен и да уживате во нивните цветови.
Летната градина што изобилува со пастелните нијанси на хортензиите бара месеци планирање и грижа. Овие повеќегодишни грмушки најдобро напредуваат во лета со умерени температури; иако веќе вкоренетата хортензија ќе ги преживее најжешките летни денови, тоа не е секогаш случај со новозасадените.
Искусните градинари ќе ви кажат дека есента е најдоброто време за садење хортензии. Сепак, потребно е внимателно планирање и кроење за да се подготват за преминот од летните горештини кон претстојниот зимски период на мирување.
За градинарите кои не сакаат да ги поминуваат топлите летни денови копајќи дупки за нови хортензии, ова е одлична вест.
„Есента е всушност најдоброто време за садење хортензии“, вели Лорејн Балато, експерт за хортензии и авторка на книгата Success with Hydrangeas: A Gardener’s Guide.
„Развојот на коренот е главната цел на растението, а есенските временски услови одлично го поттикнуваат тоа.“
Таа објаснува дека новозасадените хортензии најдобро напредуваат кога почвата е сè уште топла, а жешкото летно сонце веќе почнало да слабее. Бидејќи на хортензиите им е потребно многу вода, есенското време е идеално за растенијата што треба да се прилагодат на новата средина, пренесува Southern Living.
„Најжешките летни денови можат да ја исцрпат драгоцената влага од растението и почвата, но тие денови се веќе зад нас. Освен тоа, есенските врнежи се пообилни.“
Сепак, не чекајте премногу доцна во есента за да засадите нови хортензии. Балато препорачува хортензиите да се засадат во земја најмалку шест недели пред првиот мраз. Тоа им дава доволно време на растенијата да развијат нови корени и да се вкоренат добро.
Како да засадите хортензии?
За да засадите хортензии, најпрво најдете место што одговара на нивната потреба за поумерени температури. Идеално би било растенијата да имаат заштита од најсилното попладневно сонце.
Како што објаснува Кристин Шауб, водителка на емисијата „Come on Over Show“ и градинарка од Брентвуд, изберете место за садење што има утринско сонце и делумна сенка во попладневните часови.
Хортензиите треба да се садат во дупка што е двојно поголема од нивниот корен, а потоа да се затрупаат со богата, добро дренирана почва. Балато нагласува дека влагата е клучна за да можат хортензиите да се вкоренат по садењето и пред да влезат во зимскиот период на мирување. Таа препорачува додавање компост за задржување на влагата, покривање на површината со слој со дебелина од 5 до 8 сантиметри и наводнување неколку пати неделно сè додека не настапи зимата.
На крајот, отстранете ги сите исушени цветови; тоа му помага на растението да ја насочи целата своја енергија кон развојот на коренот.
Подготовка на новозасадените хортензии за зима
Зимата претставува прв тест за хортензиите засадени наесен. Хортензиите ги губат лисјата и преминуваат во фаза на мирување во текот на зимата, но сепак им е потребна заштита од екстремен студ.
Обезбедете им дополнителна заштита на новозасадените хортензии преку поставување физичка бариера или нивно покривање. Ова им дава повеќе време на растенијата да се вкоренат и да се прилагодат на новата локација. „Ако во вашата градина дуваат силни ветрови, можеби ќе треба да поставите ограда околу есенски засадените хортензии и да ги наполните со паднати лисја пред првиот мраз“, вели Шауб.
Можете да додадете и дополнителен слој прекривка на почвата за таа подолго да ја задржи топлината, или пак да го завиткате растението во вреќа за да го заштитите од студот. Ако хортензијата е соодветно заштитена во текот на зимата, таа ќе биде активна под земја – развивајќи корени и подготвувајќи се за својата прва голема сезона на цветање.
Првите знаци ќе ги забележите во наредните месеци: во март ќе се појават зелени листови, а кон крајот на пролетта ќе никнат и пупките.







