Современиот начин на состанување донесе бројни промени во љубовните врски, но и нови правила на однесување што им пречат на многумина.
И додека во минатото првите љубовни средби беа можност за искрен разговор и запознавање, денес се повеќе луѓе признаваат дека многу брзо губат интерес поради навика што стана речиси секојдневна. Постојаната употреба на мобилен телефон за време на состаноците, и тоа како го одбива потенцијалниот партнер.
Многумина веруваат дека нема ништо понепријатно од ситуација во која лицето постојано проверува пораки, одговара на известувања или прелистува низ социјалните мрежи за време на разговор. Таквото однесување остава впечаток на незаинтересираност и често испраќа порака дека телефонот е поважен од лицето што седи спроти него.
Експертите за партнерски односи предупредуваат дека вниманието и присуството играат клучна улога во создавањето привлечност. Кога некој постојано гледа во екранот за време на состанок, другата страна може да се чувствува запоставена или непожелна. Затоа многумина одлучуваат да не ја продолжат комуникацијата по првата средба.
Проблемот е дополнително влошен од потребата да се објавува секој момент на социјалните мрежи. Фотографирањето храна, снимањето на атмосферата или објавувањето детали од состанокот изгледа убаво, но кај многумина создава чувство на непријатност и површност. Сè повеќе луѓе истакнуваат дека сакаат спонтаност и искрен разговор, а не чувство на учество во содржини за социјалните мрежи.
Психолозите наведуваат дека модерната технологија, иако ги поврзува луѓето, во исто време може да го оштети квалитетот на меѓучовечките односи. Контактот со очи, активното слушање и интересот за соговорникот се особено важни за време на љубовните состаноци. Токму овие мали нешта често одлучуваат дали ќе се развие врска меѓу двајца луѓе.
Интересно е што способноста да се спушти телефонот и да се биде присутен во моментот е она што многу луѓе денес го сметаат за пожелна особина. Во ерата кога сите се постојано онлајн, целосното внимание стана реткост, но и една од најатрактивните работи во врска со состанувањето.
фото/Depositphotos







