Сите што купиле влезници за Дејвид Гета треба да ги заменат со нараквици од утре во Градски парк

Секој кој има купено влезница за концертот на Дејвид Гета потребно е истата да ја замени за соодветна нараквица.

„Во координација со Министерството за внатрешни работи, а со цел обезбедување побезбеден и поефикасен протокол за влез на концертот на David Guetta: The Monolith Show, по повод 35 години независност, ве информираме дека секој кој има купено влезница за концертот потребно е истата да ја замени за соодветна нараквица“, информираат од Авалон продукција.

Замената на влезниците за нараквици ќе се одвива во Градски парк – Вембли во Скопје, во специјално поставени куќарки, според следниот распоред:
* 4 септември: 16:00 – 20:00 часот
* 5 септември: 12:00 – 20:00 часот
* 6 септември: 12:00 – 20:00 часот
* 7 септември: 12:00 – 20:00 часот

При замената, задолжително треба да ја имате влезницата што сте ја купиле, во физичка или електронска форма, како и лична карта или документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.

Нараквицата ќе биде ставена директно на раката на лицето кое ќе го посетува концертот. Нараквицата не може да биде преземена од едно лице, а потоа дадена на друго лице.

Откако ќе биде ставена, нараквицата мора да се чува до денот на концертот и не смее да се отстранува, оштетува или модифицира. Во случај на оштетување или отстранување на нараквицата, нема да биде возможно добивање нова нараквица и нема да биде дозволен влез на концертот.

Единствениот начин за влез на концертот на 8 септември е да имате исправна нараквица на раката. Влезницата повеќе нема да биде доволна за влез на самиот концерт.

По извршената замена, оригиналната влезница автоматски ќе биде блокиран и истиот повеќе нема да може да се користи за влез на концертот или за повторна замена на нараквица.

Доколку имате влезница за нумерирана трибина, задолжително зачувајте ја влезницата и по замената. Местата на трибините се нумерирани, па влезницата ќе ви биде потребна за да можете да го пронајдете и користите вашето резервирано место.

За сите прашања поврзани со концертот, како и со останатите настани во рамки на проектот „35 години независност“, информации може да се добијат на info@avalonbooking.mk или на www.35nezavisnost.mk.

Scroll to Top