Најновиот тренд за коса доаѓа од Париз, откривајќи стил што Французинките го носат веќе еден век – една од најшармантните фризури во светот.
Францускиот шик одамна е посакуван моден идеал – било преку минималистички комбинации на облека, шминка што изгледа речиси неприметно или совршено разбушавени бранови кои изгледаат како да се постигнати без никаков напор.
Сега, тој безвременски пристап кон убавината повторно се одразува во фризурата што ја одбележува есента 2026 година: францускиот боб.
Истовремено софистицирана и бунтовна, оваа фризура потекнува од 1920-тите години, кога Французинките – ослободени од стегите на викторијанската ера – се осмелиле да ја скратат косата како симбол на новостекнатата слобода.
„Францускиот боб беше инспириран од жените од таа ера, кои ја скратија косата како израз на независност и модернизација“, објаснува реномираниот фризер Мајкл Греј.
Меѓу првите што ја носеа оваа фризура беа Коко Шанел, Џозефин Бејкер и Беренис Абот – жени кои го олицетворуваа духот на промената и креативноста.
Еден век подоцна, францускиот боб повторно е во центарот на вниманието, но со модерен шмек. На модните писти на „Acne Studios“, „Louis Vuitton“ и „Hermès“ се појавија кратки фризури како контраст на долгите, брановидни прамени што доминираа во претходните сезони.
Овојпат, фокусот е ставен на меко движење, текстура и умерен волумен што ѝ даваат на косата природен изглед. Денес, инспирацијата доаѓа од познати личности како Лили Колинс, Зендаја, Софија Ричи и Кејт Бланшет – при што секоја од нив нуди своја интерпретација на овој француски класик.
Францускиот боб одлично им прилега на овалните, срцевидните и квадратните форми на лицето и лесно се прилагодува на различни текстури на косата. Оние со потенка коса можат да додадат шишки за да добијат волумен, додека густата коса има корист од пократко шишање, што ја отстранува вишокот тежина и го олеснува стилизирањето.
„Клучот лежи во персонализираниот пристап – меки слоеви и прамени што убаво го врамуваат лицето“, советува Греј.
Иако изгледа како да не бара многу труд, оваа фризура сепак изискува одредено одржување. Фризерите препорачуваат потстрижување на секои шест до осум недели за да се задржат свежината и дефинираноста на линијата.
Сепак, кога станува збор за секојдневното стилизирање, речиси и да нема правила. Францускиот боб можете да го носите залижан наназад, со благи бранови или сосема исправен – изгледа шик во секоја варијанта, дури и кога делува како да не сте вложиле премногу труд.
Во свет каде што трендовите доаѓаат и си заминуваат побрзо од кога било, францускиот боб останува симбол на безвременска софистицираност. Едноставен, а сепак впечатлив. Опуштен, а сепак смислен. Како совршената бела кошула или црвениот кармин – класик што никогаш не излегува од мода.







