Хари и Меган ги менуваат училиштата на своите деца по само два дена од безбедносни причини

Децата на британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган ќе ги менуваат училиштата по само два дена поради загриженост за безбедноста на нивниот превоз, објави денес портпаролот на двојката.

Принцот Арчи (7) и принцезата Лилибет (5) почнаа да одат на училиште во септември откако Хари и неговото семејство се преселија во Велика Британија минатиот месец, по шест години живот во Калифорнија.

Локацијата на нивниот нов дом, како и училиштето што го посетуваат децата, не се откриени од безбедносни причини.

Портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс изјави дека одлуката за промена на училиштето е донесена по разговорите со безбедносниот тим на семејството за практичните аспекти на транспортот на децата во моментов, објавува Ројтерс.

Според британските медиуми, растојанието помеѓу семејниот дом и првобитното училиште, како и сообраќајните метежи на таа рута, предизвикале загриженост кај безбедносниот тим.

Портпаролот нагласи дека одлуката не треба да се толкува како критика кон училиштето и изрази благодарност до наставниците и персоналот за грижата што им ја пружиле на децата.

Во 2020 година, Хари и Меган се пензионираа од кралските должности и се преселија во САД, по што односот на двојката со британското кралско семејство се затегна.

Нивното враќање во Велика Британија минатиот месец беше изненадување, а Хари и Меган не живеат во кралската резиденција и остануваат неофицијални членови на кралското семејство.

Хари претходно ја критикуваше одлуката на британските власти да ја откажат автоматската полициска заштита за него и неговото семејство, што ја имаат некои други членови на кралското семејство, пренесува Танјуг. Неговиот безбедносен статус во моментов го разгледува владин комитет, додека портпарол потврди дека се разгледува и безбедносната состојба на Меган, за прв пат откако ја напуштија Британија, според написите.

Scroll to Top