Џим Кери (64) се ожени со партнерката Мин А

Џим Кери стапи во брак. Портпаролот на 64-годишниот актер потврди за магазинот „Пипл“ дека тој се оженил со својата партнерка, Мин А. Тие стапија во брак седум месеци откако заедно се појавија на доделувањето на наградите „Цезар“ во Франција. На таа церемонија, Кери ја нарече Мин А своја „прекрасна партнерка“ во говор одржан целосно на француски јазик.

„Му благодарам на моето прекрасно семејство, на ќерка ми Џејн и на внукот Џексон. Ве сакам сега и засекогаш. И благодарам на мојата прекрасна партнерка, Мин А“, рече тој на француски, додека публиката со овации на нозе ги поздрави неговата ќерка, внукот и партнерката. „Те сакам, Мин А. И конечно, му благодарам на најсмешниот човек што некогаш сум го познавал – мојот татко, Перси Џозеф Кери, кој ме научи на вредноста на љубовта, великодушноста и смеата.“

Ѕвездата на филмот „Ејс Вентура“ е познат по тоа што ретко зборува за својот приватен живот. Во април 2022 година, додека го промовираше филмот „Соник 2“ (Sonic the Hedgehog 2), тој изјави дека размислува да се повлече од глумата за да ужива во потивок живот. Кога водителката Кит Хувер го праша дали зборува сериозно, Кери одговори: „Прилично сум сериозен“. „Зависи“, објасни тој. „Ако ангелите ми донесат сценарио напишано со златно мастило и ми дадат до знаење дека тоа е нешто што луѓето навистина треба да го видат, можеби ќе продолжам да глумам. Но, засега, правам пауза.“

Кери претходно беше во врска со Џинџер Гонзага, неговата колешка од серијата „Kidding“. Тие заедно се појавија на црвениот тепих во јануари 2019 година, кога претставникот на актерот за списанието „Пипл“ потврди дека се во врска. Тие раскинаа по помалку од една година.

Актерот претходно беше во брак со Лорен Холи – неговата колешка од филмот „Глупав и поглупав“– во периодот од 1996 до 1997 година. Со својата прва сопруга, Мелиса Вомер – со која ја има ќерката Џејн – беше во брак од 1987 до 1995 година.

Scroll to Top