Холивудскиот актер Џорџ Клуни првпат јавно проговори за смртта на Пресли Гербер, 27-годишниот син на манекенката Синди Крафорд и бизнисменот Ренди Гербер, кој почина на 20 септември во установа за рехабилитација во Санта Моника.
Клуни, кој е долгогодишен пријател на семејството, за трагедијата зборуваше на доделувањето на наградите „The Albies“ во Лондон, организирано од неговата фондација „Clooney Foundation for Justice“, каде што се појави со сопругата Амал Клуни.
На прашањето дали планираат на некаков начин да му оддадат почит на Пресли, актерот за „Entertainment Tonight“ одговори:
„Мислам дека воопшто не сме во состојба да зборуваме за тоа. Искрено, ова е една од најтешките работи што го погодиле нашето семејство.“
Тој се осврна и на состојбата на родителите и сестрата на Пресли, Каја Гербер.
„Можете да замислите како се чувствуваат. Тоа е најлошото нешто што може да му се случи на едно семејство“, изјави Клуни.
По смртта на Пресли, Џорџ и Амал Клуни поминувале време со Синди Крафорд и Ренди Гербер во Лос Анџелес и Малибу, обидувајќи се да им дадат поддршка во тешките моменти. Клуни и Ренди Гербер се долгогодишни пријатели и деловни партнери, а во 2013 година заедно го основаа брендот текила „Casamigos“.
Пресли Гербер, единствениот син на Синди Крафорд и Ренди Гербер, со години се борел со зависност од дрога, за што и јавно зборувал. Неговата сестра Каја во интервју за „Вог“ во август откри дека семејството поминувало низ тежок период поради неговата борба со зависноста.
Во 2023 година Пресли започнал серијал на социјалните мрежи наречен „Mental Health Mondays“, во кој зборувал за менталното здравје, здравите навики и сопствените искуства.
Според американските медиуми, неговата смрт се истражува како можно предозирање, но официјалната причина сè уште не е утврдена







