Вторник, 3 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Ќерката на Мајкл Џексон бара 600 милиони долари од оставината на нејзиниот татко

Парис Џексон побара од судот да им наложи на извршителите на оставината на нејзиниот покоен татко, Мајкл Џексон, да префрлат 600 милиони долари во семеен фонд наменет за неа и нејзините браќа.

Таа тврди дека фондот, основан по смртта на пејачот во 2009 година, и по повеќе од 17 години сè уште нема добиено средства, иако оставината има генерирано приходи во износ од милијарди долари, пренесува „People“.

Во судски поднесок доставен на 29 октомври, 28-годишната Парис бара од судија во Лос Анџелес да одобри делумна распределба на средства во „Семејниот фонд на Мајкл Џексон“ – фонд наменет за неговите деца: Принс (29), Парис и Биги (24).

Според желбите на нејзиниот татко, децата требало да почнат да добиваат приходи од своите удели на 21-годишна возраст, додека исплатата на делови од главницата била предвидена за 30-тата, 35-тата и 40-тата година од нивниот живот. Парис тврди дека ова не се спроведува онака како што Мајкл замислил и дека таа и нејзините браќа зависат од одлуките на извршителот на тестаментот, Џон Бранка.

Нејзините адвокати наведуваат дека, преку деловни зделки и продажба на имот, оставината остварила повеќе од една милијарда долари, пред оданочување и покривање на трошоците. Меѓу значајните трансакции се продажбата на удел во „EMI Music Publishing“ во 2018 година за 287,5 милиони долари, продажбата на ранчот „Неверленд“ во 2020 година за 22 милиони долари, како и договорот со „Sony“ склучен во 2023 година.

Според финансиските извештаи, кон крајот на 2024 година, оставината располагала со приближно 850 милиони долари во готовина и ликвидни средства. Парис смета дека, откако ќе се подмират евентуалните обврски, околу 600 милиони долари би можеле да бидат префрлени во семеен труст.

фото/ЕПА

Поврзани вести