Седум намирници што содржат повеќе железо по порција отколку месото

Црвеното месо се смета за еден од најдобрите извори на железо, но порција говедско месо не е најдобриот извор.
Според податоците од Канцеларијата за додатоци во исхраната при Националниот институт за здравје (NIH) на САД – кои се засноваат на базата на податоци на Министерството за земјоделство на САД – 85 грама варено, посно говедско месо содржат околу два милиграми железо. Ова претставува 11 отсто од препорачаната дневна вредност од 18 милиграми.
Неколку други намирници – од животинско и од растително потекло – обезбедуваат исто толку или повеќе железо во стандардна порција.
Грав
Една шолја бел грав од конзерва содржи околу осум милиграми железо, односно 44 отсто од дневната вредност. Тоа е четири пати повеќе од количината што се наоѓа во порција говедско месо. Половина шолја црвен грав содржи околу два милиграми.
Остриги
Порција од 85 грама варени остриги содржи околу осум милиграми железо. Ова железо е во хем-форма – типот што телото најлесно го искористува.
Говедски црн дроб
Порција од 85 грама пржен говедски црн дроб содржи околу пет милиграма железо, што претставува 28 отсто од дневната вредност – два и пол пати повеќе отколку во еквивалентна порција говедско мускулно месо.
Леќа
Половина шолја варена леќа содржи околу три милиграма железо, односно 17 отсто од дневната вредност. Леќата е еден од најдобрите растителни извори на овој минерал и одличен избор за оние што консумираат помалку месо.
Тофу
Половина шолја цврсто тофу исто така содржи околу три милиграми железо. Бидејќи се прави од соја, тофуто е добар извор и на железо и на протеини од растително потекло.
Спанаќ
Половина шолја варен спанаќ содржи околу три милиграми железо. Сепак, од NIH напоменуваат дека телото апсорбира релативно малку железо од спанаќот, бидејќи тој содржи полифеноли кои ја попречуваат неговата апсорпција.
Темно чоколадо
Порција од 28 грама темно чоколадо – кое содржи од 45 до 69 отсто какао – обезбедува околу два милиграми железо. Ова е еднакво на количината што се наоѓа во порција говедско месо три пати поголема по тежина. Поради содржината на шеќер и калории, треба да се консумира умерено.
