Сопругата на Патрик Стјуарт проговори за првпат по неговата смрт

Сани Озел, вдовицата на актерот сер Патрик Стјуарт, за првпат јавно проговори по неговата смрт кон крајот на октомври.
Познатиот англиски актер, на публиката најпознат по улогите во франшизата „Ѕвездени патеки“ (Star Trek) и филмовите „Икс-мен“ (X-Men), почина на 28 октомври. Според официјалната изјава на неговиот портпарол, тој починал по кратко боледување, за време на кое се борел со Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви тела.
Две недели по смртта на нејзиниот сопруг, 47-годишната Озел сподели емотивна порака на Инстаграм. Таа се осврна на изминатиот период и ги опиша чувствата низ кои поминува по неговото заминување.
„Денес се навршуваат точно две недели откако Патрик почина, а тагата сè уште доаѓа во бранови“, напиша таа. „Во исто време, чувствувам длабока, искрена благодарност. Ништо не остана неизречено. Тој знаеше дека го сакам, а јас знам дека тој ме сакаше. Патрик и јас навистина се познававме и се разбиравме, и го извлекувавме најдоброто еден од друг.“
Кантавторката додаде дека поминале речиси две децении заедно, исполнувајќи го тоа време со многубројни животни искуства. „Длабоко ме трогна реакцијата на јавноста на смртта на Патрик. Иако не ме изненадува тоа што тој допрел толку многу животи, навистина ме трогна длабочината на тагата што ја изразија многу луѓе, како и чувството на загуба што го споделија“, напиша таа.
„Ви благодарам на сите за изразите на сочувство; тоа навистина многу ми значи. Љубовта што ја чувствувам кон Патрик е толку огромна, што се чини како срцето да морало да порасне за да може сето тоа да го собере. Тој ме промени на подобро, засекогаш.“
Патрик Стјуарт и Сани Озел првпат се запознале во 2008 година во Њујорк, додека актерот настапувал во претставата „Магбет“ во Бруклинската академија за музика. Во тоа време, Озел работела како келнерка во еден ресторан во близина. Двојката стапила во брак во септември 2013 година, а церемонијата ја водел долгогодишниот пријател на Стјуарт и негов колега од филмовите „Икс-мен“ (X-Men), актерот Ијан Макелен.



