Среда, 21 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Судот ја одби тужбата за клевета на братот на Мараја Кери кој бараше од неа 20 милиони долари

21.10.2026, 08:15

Суд во Њујорк ја отфрли тужбата за клевета поднесена против пејачката Мараја Кери од страна на нејзиниот брат, Морган.

Во својата тужба, Морган побара отштета од 20 милиони долари во врска со спорните тврдења изнесени од пејачката во нејзините мемоари од 2020 година, насловени „Значењето на Мараја Кери“ (The Meaning of Mariah Carey).

Во понеделникот, судијката на Врховниот суд во Њујорк, Лесли А. Строт, пресуди дека тужителот не успеал да докаже оти пејачката постапила со „вистинска злонамерност“ – односно, дека таа ја напишала спорната содржина свесно изнесувајќи невистини или со непромислено занемарување на фактите.

Морган поднесе тужба во 2021 година, оспорувајќи делови од книгата во кои неговата сестра го опишува како насилен поединец склон кон трговија со дрога, укажува на неговото проблематично однесување во младоста и го прикажува како учесник во жесток семеен конфликт за чие смирување наводно биле потребни дванаесет полицајци.

Тој исто така ги негираше нејзините тврдења дека се обидел да изнуди пари од неа откако таа се стекнала со светска слава.

„Иако тужителот тврди дека Мараја чувствува злонамерност кон својот брат, таквото тврдење е недоволно“, нагласи судијката во одлуката.

Адвокатот на пејачката, Џон Розенберг, изјави за списанието „Пипл“  дека Мараја е исклучително задоволна од одлуката на судот, со која се потврдува дека нејзините мемоари се занимаваат со прашања од значителен јавен интерес.

Поврзани вести