(Видео) Вештачки генерирана снимка со Бред Пит и Том Круз предизвика паника и бес во Холивуд

Кинеската компанија „Бајтденс“, сопственик на „ТикТок“, најави дека ќе ги заостри правилата за својата нова алатка за вештачка интелигенција откако корисници почнаа да создаваат пародии на холивудски акциски сцени.

Капката што ја прели чашата беше видео-клип генериран со алатката „Сиденс 2.0“ (Seedance 2.0), кој викендов стана вирален само неколку часа по лансирањето. Во видеото е прикажана сцена на тепачка меѓу ликови што наликуваат на Том Круз и Бред Пит на врв на облакодер.

Во видеото, ликот на Бред Пит вика: „Ти го уби Џефри Епстин, животно. Тој беше добар човек!“ На тоа ликот на Том Круз одговара: „Знаеше премногу за нашите операции во Русија. Мораше да умре – а сега ќе умреш и ти“, пред да го собори Пит на земја, пренесува „Индекс“.

Бес во Холивуд

Видеото, кое било создадено со едноставно внесување кратка текстуална наредба во алатката, заедно со други содржини – вклучувајќи и преработки на ликови од Дизни и други анимирани франшизи – предизвика бес во Холивуд.

„Дизни“, според „Би-Би-Си“, уште во петокот испратил барање до Бајтденс за прекин на наводно незаконските активности, обвинувајќи ја компанијата дека „Сиденс 2.0“  е снабден со „пиратска библиотека“ на заштитени ликови, вклучувајќи суперхерои од Марвел и франшизата „Војна на ѕвездите“.

„Кинескиот ВИ-сервис „Сиденс 2.0“ се впушти во масовно и неовластено користење на американски дела заштитени со авторски права“, стои во изјавата на Чарлс Ривкиен, претседател на Здружението на филмски студија (Motion Picture Association), кое ги застапува големите продуцентски куќи.

„Со лансирањето на услугата без значајни заштитни мерки против кршење на авторските права, Бајтденс го игнорира воспоставениот закон за авторски права што ги штити креаторите и поддржува милиони работни места во САД. „Бајтденс“ треба веднаш да ги прекине активностите што ги кршат авторските права“, се додава во соопштението.

Од Синдикатот на филмски актери (Screen Actors Guild) порачаа дека „Сиденс 2.0“ ги игнорира „законот, етиката, индустриските стандарди и основните принципи на согласност“. „Прекршувањата вклучуваат неовластено користење на гласовите и ликовите на нашите членови“, додаде синдикатот. „Тоа е неприфатливо и ја поткопува можноста човечките таленти да заработуваат за живот.“

За контроверзната алатка

„Сиденс 2.0“  сè уште не е интегрирана на ТикТок на начин на кој „Грок“ е интегриран во платформата „Икс“. Достапна е преку други платформи управувани од „Бајтденс“, како „Дуобао“ и „Дримина.

„Бајтденс“ е кинеска компанија со седиште во Пекинг, а американските законодавци ја принудија да го пренесе американското работење во заедничка подружница со кинеско и американско сопствеништво.

Комбинацијата од напредокот на вештачката интелигенција и распространетоста на социјалните мрежи ги затекна регулаторите и владите неподготвени, особено во правни системи кои стравуваат од обвинувања за нарушување на слободата на говорот. Јапонски претставници исто така изразија загриженост поради наглата појава на кратки акциски манга-филмови генерирани со ВИ на социјалните мрежи.

При лансирањето на „Сиденс 2.0“ , Бајтденс се пофали со способноста на алатката да создава сложени сцени со движење. Сепак, сега се чини дека компанијата сфаќа дека можеби отишла предалеку.

„Ги слушнавме загриженостите во врска со „Сиденс 2.0“ , изјави портпарол на компанијата. „Преземаме чекори за зајакнување на постојните заштитни мерки додека работиме на спречување неовластено користење на интелектуалната сопственост и ликовите од страна на корисниците.“

Scroll to Top