Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин

Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.

На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.

„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.

Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).

„Мораме да се држиме подалеку од политиката“

Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.

Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.

– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:

– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.

Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.

– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.

Берлинале – фестивал на „лицата на светот“

За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.

– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?

Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.

На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.

Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.

Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

Scroll to Top