Музичарот на хармоника Марио Стојановски ги објави албумите „Македонска Хармоника“ и „Македонска Хармоника 2“, самостојно музичко издание составено од вкупно 20 македонски народни песни, по десет на секој албум. Сите композиции се отсвирени исклучиво на хармоника, без учество на други музичари, а автор на сите аранжмани е Стојановски.
Проектот има јасна цел, македонската хармоника да се етаблира како препознатлив музички израз во светот на хармониката. Во светската дискографија постојат бројни изданија посветени на француската, италијанската, полската и други национални традиции на хармониката, но недостасува издание што ја претставува македонската.
„Ние како народ и те како поседуваме музика, потребно е континуирано да се негува од генерација во генерација. Моите албуми се први од ваков карактер кај нас, би ги нарекол историско издание, но се надевам дека тие ќе бидат и поттик за други колеги хармоникаши кои ќе работат на заживување на овој стил и на уште посилно етаблирање на македонската хармоника“, вели Стојановски.
Песните се избрани според неговиот личен музички вкус, но со едно основно правило – сите да бидат македонски народни песни, без познат автор, односно да му припаѓаат на македонскиот народ. Дел од нив се добро познати, додека други, според Стојановски, заслужуваат повторно да бидат оживеани и доближени до новите генерации.
„Не би можел да издвојам песна која отскокнува од другите. Сите 20 песни се македонски народни песни за кои лично сметав дека треба да добијат ваков уникатен аранжман. Секоја од нив ми беше подеднаков предизвик и секоја доби максимално внимание“, додава тој.
Во аранжманите е зачувана автентичноста на песните, со мали варијации и нови музички фрази, но во граници што не го менуваат карактерот на оригиналот. Фактот што целиот материјал е снимен само на хармоника, без дополнителни инструменти, според Стојановски, е доволен за песните да добијат нова звучна форма.
„Народната традиционална музика најдобро се негува доколку ја свириме и ја пееме. Кога традиционална музика ќе се најде на која било модерна музичка платформа, за мене тоа значи дека некој добро си ја завршил работата и дека ѝ го продолжил векот на традицијата, а со тоа и ја заштитил културата на еден народ“, додава Стојановски.
Албумите се снимени во првата половина на 2026 година во Студио 16, кај продуцентот Марко Дениќ, кој, покрај професионалната соработка, е и долгогодишен колега и пријател на Стојановски. Самото снимање траело два месеци, но целокупната подготовка траела значително подолго. Вложениот труд во проектот, кој вклучува креирање, вежбање на инструментот и создавање на целосните аранжмани, траел околу две години.
Во план се и „Македонска Хармоника 3“ и „Македонска Хармоника 4“, повторно со по десет македонски народни песни и без жанровско разграничување. И во идните изданија основната идеја останува иста, преку хармониката македонската народна музика да стигне до што поширока публика.
Изданието е целосно самостоен проект на Марио Стојановски, додека за дистрибуцијата на албумите се погрижи EMUBANDS LTD од Обединетото Кралство.
„Македонска Хармоника“ и „Македонска Хармоника 2“ се достапни на повеќе од 20 светски музички платформи, меѓу кои 7digital, Amazon, Anghami, Apple Music & iTunes, Audiomack, AWA, Boomplay, Claro Música, Deezer, Facebook/Instagram, FLO, JioSaavn, KKBOX, MediaNet, NetEase, Pandora, Peloton, Qobuz, SoundCloud, Spotify, Tencent, TikTok, TDC, TIDAL и YouTube Music.







