По неколкумесечни преговори, Нетфликс се повлече од понудата за купување на Варнер брос Дискавери, отворајќи му пат на Парамаунт и Скајденс во договор вреден околу 111 милијарди долари, објави Би-Би-Си.
Варнер брос Дискавери, кој е на продажба од минатата година, соопшти дека најновата понуда на Парамаунт е супериорна во однос на онаа на Нетфликс. Раководството на Нетфликс одби да ја зголеми понудата, наведувајќи дека трансакцијата повеќе не е финансиски привлечна по таа цена.
Во декември, Варнер брос Дискавери прифати делумна понуда од Нетфликс во вредност од околу 72 милијарди евра, која вклучуваше купување на филмското и ТВ студио и платформата Ејч-Би-О Макс.
Сепак, Парамаунт поднесе повисока конкурентска понуда, со што се наметна како фаворит. Калифорнискиот државен обвинител Роб Бонта изјави дека договорот сè уште не е конечен и дека регулаторите ќе спроведат темелна истрага.
Доколку биде одобрен, Парамаунт ќе го преземе Ејч-Би-О Макс, како и телевизиските мрежи во сопственост на Варнер брос Дискавери, вклучително и Си-Ен-Ен, што може значително да го промени стриминг и медиумскиот пазар во Холивуд.
Фото: Depositphotos







