Сè повеќе реклами и кампањи на социјалните медиуми ги охрабруваат луѓето да купуваат пробиотски додатоци, додека овошјето, интегралните житарки и зеленчукот, кои всушност му се потребни на цревниот микробиом, се занемаруваат, според авторите на една нова студија.
Во труд објавен во септември во медицинското списание Clinical Gastroenterology and Hepatology, истражувачите наведуваат дека се загрижени поради фактот што пробиотските капсули се користат како „замена за подобра исхрана“.
Истражувачите открија дека потрошувачката на пробиотски додатоци се зголемила за речиси 300 проценти помеѓу 2009 и 2023 година, откако анализирале податоци од Националното истражување за здравје и исхрана на САД на повеќе од 60.000 луѓе.
И покрај големото зголемување на употребата на пробиотски додатоци, внесот на влакна не се променил значително, додека просечната потрошувачка на храна што го поддржува микробиомот се зголемила само малку, наведоа истражувачите.
Додека во 2009 година, нешто помалку од два проценти од испитаниците над 20 години изјавиле дека земаат пробиотски додатоци, до 2023 година нивниот удел пораснал на речиси седум проценти. Уште поголем раст е забележан кај луѓето помлади од 20 години, пренесува ДПА.
„Нашите резултати сугерираат дека луѓето не го менуваат она што го јадат, иако сè повеќе луѓе се доволно загрижени за својот микробиом за да земаат пробиотски додатоци“, рече Кира Њуман, професорка на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген.
Среде растечката популарност на пробиотските капсули, Њуман потсетува дека бројни видови овошје и зеленчук имаат „добро утврдени здравствени придобивки за цревниот микробиом“.
„Самите пробиотски додатоци не содржат иста разновидност и богатство. Тоа е како да изберете само една боја од виножитото“, предупреди Њуман, забележувајќи дека не само овошјето и зеленчукот, туку и мешунките и интегралните житарки „поддржуваат разновиден спектар на корисни цревни микроорганизми“.







