„Се плашев да заспијам“: Кејт Винслет за славата по „Титаник“

Филмот „Титаник“ ја претвори Кејт Винслет во светска ѕвезда, но славата имала и своја мрачна страна. Актерката, која тогаш имала само 22 години, откри дека по излегувањето на филмот се соочила со ужасно нарушување на приватноста, што вклучувало прислушување телефонски разговори и пребарување по нејзиното ѓубре, поради што се плашела дури и да заспие. За тој бурен период од својот живот таа зборуваше во неодамнешно интервју, пишува „Ентертејнмент Викли“.

Улогата на Роуз ДеВит Букатер во блокбастерот на Џејмс Камерон од 1997 година ја лансираше Винслет во ѕвездените височини, поради што морала брзо да се прилагоди на живот под лупа на јавноста. Филмот дебитираше на првото место и таму остана неверојатни 15 недели, а таа и Леонардо Ди Каприо станаа цел на таблоидите и папараците, кои ги следеле на секој чекор.

„Не бев подготвена за тој свет“, призна Винслет во интервју за Би-Би-Си Радио 4.

Опишувајќи го тој период, Винслет рече: „Беше ужасно. Луѓето ми го прислушуваа телефонот. Беа насекаде. А јас бев сама. Ме ужаснуваше помислата на спиење.“

Особено ја вознемирувал фактот што луѓе ѝ ги пребарувале кантите за ѓубре, обидувајќи се да откријат што јаде. Таа додаде дека по огромната популарност на филмот, своето лице почнала да го гледа на насловните страници на списанија и весници, често придружено со „ужасни, страшни, всушност навредливи прекари“.

Единствениот начин на кој се справувала со притисокот, откри таа, биле едноставните нешта – разговори со пријателите и добра храна. Заклучи:
„Животот е многу подобар поради тие работи.“

Актерката раскажа дека навлегувањето во нејзината приватност повторно се засилило десетина години подоцна, кога во 2010 година се разведувала од својот втор сопруг, режисерот Сем Мендес.

„Папараците ме следеа низ Њујорк со моите две мали деца затоа што, секако, сакаа да знаат зошто Сем и јас се разделивме“, сподели таа.

На прашањето како тогаш се справувала со ситуацијата, одговори: „Едноставно ја држиш устата затворена, ја спушташ главата и продолжуваш да одиш. И се обидуваш да им ги покриеш ушите на своите деца. Се потпираш на пријателите и едноставно продолжуваш понатаму.“

Притоа им се заблагодари на пријателите за поддршката, спомнувајќи ги соседите кои ѝ оставале „чинија топла тестенини и мала чаша црвено вино“ на ѕидот меѓу нивните домови.

Scroll to Top