„Ќе глумиш само дебели девојки“: Кејт Винслет за понижувањата што ја следеле од детството

Актерката Кејт Винслет се присети на почетоците на својата кариера и откри дека една учителка по глума ѝ рекла дека ќе мора да се задоволи со „улоги на дебели девојки“ поради своето тело. Винслет, во гостување во емисијата „Desert Island Discs“ на Би-Би-Си Радио 4, изјави дека во помладите години се соочувала со остри критики.

„Бев малку покрупна. Кога почнав посериозно да ја сфаќам глумата и добив детски агент, многу јасно се сеќавам дека една учителка по глума ми рече: ‘Па, драга, ќе имаш кариера ако си подготвена да се задоволиш со улоги на дебели девојки.’ А погледнете ме сега. Неверојатно е што сè им зборуваат луѓето на децата“, раскажа славната актерка.

Винслет и претходно зборувала за овој инцидент, последен пат во декември 2024 година, во емисијата „60 Minutes“. Тогаш стана емотивна додека се присетуваше на зборовите на споменатата учителка и истакна: „Никогаш не сум била дебела!“

Критиките и негативните коментари, на крајот, ѝ дале мотивација и „тивка решителност“.

„Почнав да размислувам: ‘Ќе ви покажам… но тивко’“, рече таа.

Актерката откри и дека се соочила со некои од луѓето кои ја критикувале поради телото.

„Сакав тоа да го слушнат. Им реков: ‘Се надевам дека ова ќе ве прогонува.’ Тоа беше одличен момент. Одличен момент, затоа што не беше само за мене. Беше за сите луѓе кои биле изложени на такво ниво на вознемирување. Беше навистина ужасно. Многу лошо“, раскажа таа.

Славната актерка претходно овој месец ги критикуваше козметичките зафати и лековите за слабеење, велејќи дека младите жени денес „немаат поим што навистина значи да се биде убав“. Кејт тврди дека никогаш не се подложила на естетски зафати, а за „Тајмс“ изјави дека инјекциите прават жените да изгледаат исто.

„Ох, тоа е застрашувачко. Тоа е разорно. Ако нечие самопочитување е толку врзано за тоа како изгледа, тоа е застрашувачко“, порача таа.

Винслет додаде дека ужива да гледа актерки „облечени како што сакаат, без разлика на обликот на телото“ и нагласи дека „премногу луѓе земаат лекови за слабеење“.

„Некои носат одлуки да бидат свои, други прават сè што можат за да не бидат свои. И дали знаат што внесуваат во себе? Негрижата за сопственото здравје е застрашувачка. Тоа сега ме вознемирува повеќе од кога било. Надвор е проклет хаос“, рече таа.

Актерката ги критикуваше и оние кои не се славни, а штедат за ботокс и „ср*ња што ги ставаат во усните“.

„Најмногу ми се допаѓа кога рацете стареат. Тоа е животот во твоите раце. Некои од најубавите жени што ги познавам имаат над 70 години, а она што ме вознемирува е што младите жени немаат поим што навистина значи да се биде убав“, истакна таа.

Scroll to Top