Ѓоковиќ влегува во бизнисот со луксуз, погледнете го неговиот спектакуларен проект во Мајами

Новак Ѓоковиќ влегува во нов деловен проект надвор од спортските терени. Во соработка со глобалната компанија „Aman Group“, лансиран е „ATMA“ – нов бренд во сегментот на ултра-луксузно угостителство. Проектот е насочен кон холистички пристап кон здравјето, исхраната, долговечноста и регенерацијата, пишува nova.rs.
Централниот дел на проектот ќе биде облакодер во елитната населба Брикел (Brickell) во Мајами. Планираната висина на зградата изнесува 320 метри, што е речиси три пати повисоко од белградските облакодери, како што се „Београѓанка“ (100 м) или кулата „Генекс“ (115 м). Комплексот ќе биде лоциран на брегот на заливот Бискејн (Biscayne Bay).
Во рамките на комплексот ќе има затворени терени за тенис и падел со панорамски поглед, дизајнирани за користење во текот на целата година, без оглед на временските услови. Просторот вклучува и спа и медицински велнес центар кој се простира на 11.500 квадратни метри.
Центарот ќе биде опремен со современи уреди за закрепнување на мускулите, подобрување на мобилноста и регенерација на телото. На посетителите ќе им бидат достапни простори за индивидуални и групни тренинзи, со програми прилагодени на нивните потреби.
Ѓоковиќ започна официјална соработка со брендот во 2024 година како глобален партнер за велнес, а сега директно ќе учествува во креирањето програми за долговечност, исхрана и спортови со рекети. Тој ќе го примени своето искуство во пракса.
„Во текот на мојата кариера научив дека вистинските резултати се засноваат на рамнотежа. Тренингот, закрепнувањето, исхраната и менталната благосостојба мора да функционираат во хармонија за да се обезбедат долговечност и траен успех“ – стои во изјавата на Новак Ѓоковиќ, која ја пренесува Nova.rs.
Името ATMA потекнува од санскрит и значи „дух“ или „вистинско јас“. Покрај хотелските капацитети, кулата ќе содржи и станбени единици – од еднособни станови до пентхауси со шест соби. Екстериерот, кој се одликува со закривени линии, е дело на „SHoP Architects“, додека ентериерот е дизајниран од „Studio Paolo Ferrari“.
Внатрешното осветлување ќе биде усогласено со биолошките, односно циркадијалните ритами на станарите. Покрај содржините насочени кон здравјето, комплексот ќе вклучува и ресторани, сцени за културни настани, како и барови со музика во живо. Завршувањето на работите е планирано за 2031 година.

