НАСА бара луѓе кои би „живееле и работеле“ на Месечината

Американската вселенска агенција НАСА прима пријави за нов вид астронаути и ги повикува американските државјани да аплицираат за можноста да живеат и работат на Месечината. Конкурсот е отворен до 3 декември, а на порталот за вработување се наведува дека се достапни само „неколку позиции“. Годишната плата изнесува 164.395 долари, а избраните кандидати ќе треба да се преселат во Хјустон, каде што ќе работат во Вселенскиот центар „Џонсон“, пренесува CBS News.
Се врши избор на нова генерација астронаути како дел од плановите на САД за изградба на база на Месечината и испраќање човечки екипажи на нејзината површина. Во април оваа година, мисијата „Артемис II“ на НАСА однесе екипаж од четворица во орбитата околу Месечината, поставувајќи рекорд за најголемото растојание што луѓето некогаш го поминале од Земјата.
„Луѓето што ќе ги избереме би можеле да чекорат по Месечината, да живеат и работат во лунарна база и да помогнат во развојот на системите и операциите што на крајот ќе ги однесат екипажите на Марс“, изјави администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман. „Тие мисии ќе бараат техничка извонредност, добра проценка, тимска работа и храброст.“
Иако конкурсот е отворен за сите американски државјани, кандидатите мора да исполнат строги образовни критериуми. НАСА наведува дека кандидатите мора да одговараат на еден од четирите профили: да имаат магистерска диплома по инженерство, биологија, физика, компјутерски науки или математика; две години завршени докторски студии во една од овие области; завршени медицински студии или програма за медицински асистент или дипломирана медицинска сестра; или пак, до јули 2027 година да имаат завршено признато училиште за пробни пилоти.
А што е со искуството?
Кандидатите исто така мора да имаат најмалку три години професионално искуство по завршувањето на студиите или обуката за летање. Условите се разликуваат во зависност од областа.
Пилотите мора да имаат 750 часа лет како главен пилот на млазен авион со високи перформанси, 1.500 часа на други летала со фиксни крила (од кои 750 часа како командант на леталото), или 1.000 часа на хеликоптери (од кои 300 часа како командант). Почетната обука за летање и часовите поминати во управување со беспилотни летала (дронови) не се сметаат за релевантно искуство.
За позициите поврзани со пробни летови, потребно е завршено училиште за пробни пилоти и три години соодветно искуство. Лекарите мора да имаат најмалку три години искуство по завршувањето на студиите, при што се признава и специјализацијата. Истиот услов од три години релевантно искуство важи и за експертите од областите биологија, физика и инженерство.
За кандидатите со искуство во оперативна работа, потребни се три години стаж во „средини со висок ризик, кои бараат донесување одлуки во реално време и интензивна тимска работа, каде што грешките претставуваат неповратен физички ризик за персоналот, мисиите или вселенските летала“, како што е наведено од НАСА.


