Вторник, 10 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Мециновиќ: ДПМНЕ не прифати ниту еден од 124-те амандмани на опозицијата за ребалансот на Буџетот

На денешната собраниска расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, остро реагираше на начинот на кој владејачкото мнозинство го спроведува буџетскиот процес, посочувајќи дека Владата го третира државниот буџет како сопствена партиска каса, а не како заеднички средства на сите граѓани.

Мециновиќ истакна дека вториот ребаланс се носи само два месеци по претходниот, а неколку дена пред расправата за новиот предлог-буџет за 2027 година, што, според него, отвора сериозни прашања за квалитетот на буџетското планирање и економските приоритети на Владата.

YouTube · кликнете за да се вчита видеото

Особено го потенцираше фактот дека од вкупно 124 амандмани поднесени од опозицијата, ниту еден не бил прифатен од владејачкото мнозинство. Според него, ваквиот однос покажува дека ВМРО-ДПМНЕ го става политичкото потекло на предлозите пред нивната содржина и потребите на граѓаните што тие ги застапуваат.

„ВМРО-ДПМНЕ има парламентарно мнозинство, но нема монопол врз јавниот интерес. Буџетот на Р. Македонија не е партиска сопственост, иако Владата на ВМРО-ДПМНЕ така го перципира“, истакна Мециновиќ, додавајќи дека демократијата не завршува со изборите и дека опозициските пратеници претставуваат граѓани чии интереси мора да бидат земени предвид во институционалните процеси.

Мециновиќ посочи дека меѓу одбиените амандмани биле и предлози за набавка на мобилни екипи за следење на загадувачите, зајакнување на социјалната заштита и подобрување на инфраструктурата. Тој особено ја критикуваше Владата за отсуството на средства за набавка на нови автобуси за Скопје, и покрај тоа што поминала речиси една година од промената на локалната власт.

Дополнително, тој го отвори прашањето за изостанувањето на конкретни буџетски средства за решавање на проблемите со рудниците во југоисточниот дел на државата, како и за проектите Чебрен и Галиште, кои, и покрај долгогодишните најави, повторно не се предвидени во буџетските планови.

„Проблемите на граѓаните немаат бирократски рок. Треба да се реагира тогаш кога е потребно да се реагира“, нагласи Мециновиќ, посочувајќи дека Владата ги одлага приоритетите на граѓаните за сметка на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој предупреди дека ваквиот начин на управување со јавните финансии ги исклучува граѓаните од одлучувањето за средствата што самите ги создаваат преку својот труд, даноци и придонеси. Според него, средствата од државниот буџет не смеат да бидат предмет на целосна дискреција на владејачкото мнозинство, туку мора да бидат распределувани низ транспарентен и демократски процес во кој ќе се слушне и гласот на опозицијата.

„Овој Буџет е конципиран како сопственост на ВМРО-ДПМНЕ и овој Буџет ќе се извршува како сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ гледа на нашите заеднички пари како на нивна сопственост. ВМРО-ДПМНЕ ја гледа политиката како плен, како начин да се дојде до располагање со парите на сите и така да се богатат само малкумина“, истакна Мециновиќ.

Од Левица посочуваат дека вториот ребаланс е уште една потврда за отсуството на развојна економска политика и за игнорирањето на реалните потреби на граѓаните. Велат дека опозицијата била целосно исклучена од процесот, а со одбивањето на сите 124 амандмани, владејачкото мнозинство покажало дека не е подготвено да прифати ниту еден предлог надвор од сопствените политички приоритети.

Мециновиќ порача дека Левица нема да го легитимира ваквиот недемократски процес на носење на Буџетот и дека очекува суштинска расправа за предлог-буџетот за 2027 година.

Поврзани вести