Милевски: Ерата на почнато-незавршено е завршена, сега граѓаните гледаат дека ВМРО-ДПМНЕ работи за нив

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, на денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет каде се дискутираше Предлог-Буџетот за 2027 година, истакна дека истиот е развоен и предвидува подобар живот за граѓаните наредната година, а како што вели, ерата на ветено-нереализирано е завршена и граѓаните тоа го потврдиле кога ја дале довербата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Ерата на почнато-незавршено, ветено-нереализирано, лидерите на таа ера, направија тоа веќе да биде и завршена работа за огромен број на граѓани. Перцепцијата е дека има промени во очекувањата на граѓаните и секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт заедно со нашите коалициони партии, од нас народот секогаш очекува повеќе. Историски, реформи и сериозни државотворни политики се спроведуваат кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт“, вели Милевски.
Според него, во услови на историски предизвици и големо разочарување граѓаните на, како што вели тој, недвосмислен начин ја изразиле својата голема желба и го довериле мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, за да се обезбедат подобри услови за живот и подобра иднина во земјава.
„Ние не ги разочаравме. Тоа нема да се случи ни со донесувањето на овој буџет, а ниту во иднина. Секојдневно, во медиумите и целиот јавен простор се поприсутни се темите како изградба на автопати, инфраструктура, нови градинки, училишта, вложување во култура, зголемен број на туристи, економски раст, мала инфлација, отворање на нови индустриски капацитети, нови работни места итн“, истакна тој и додаде:
„Вести се сега и нови возила за МВР, АРМ, Македонски пошти, амбулантни возила. Тој тренд продолжува, а се очекуваат и нови автобуси, нови возови итн. За жал, такви вести до пред неколку години беа само пуста желба, имавме штрајкови, неисплатени плати, неисплатени пензии, лоши услови во студентски домови, недоволно градинки, пораз до пораз“.
Милевски истакна дека Предлог буџетот за 2027 година предвидува и планира подобри услови за животот на граѓаните: „Ова е буџет за пензионерите да имаат сигурна и повисока пензија, за млади луѓе со подобра перспектива дома, во нивната земја, за можност за самовработување и вработување. Овој буџет обезбедува подобри здравствени услуги, поквалитетно образование“.



