Стојаноски: Буџетот за 2027 година носи повисоки плати и пензии, нови инвестиции, подобар животен стандард и посилна економија

Денеска не расправаме само за табели, колони и милијарди денари.
Расправаме за тоа како државата ќе ги исполни своите обврски, како ќе создава економски можности и пред се, што конкретно треба да се промени на подобро во животот на граѓаните во 2027 година.
Дали пензионерот ќе има сигурна пензија? Дали младиот човек ќе има поголема шанса за работа? Дали пациентот ќе добие подобра здравствена услуга, а родителот подобри услови за своето дете? Тоа е вистинскиот критериум според кој треба да го оценуваме овој буџет. Ова е Буџет кој решава проблеми, создава развој, повисоки плати, пензии, стипендии. Буџет за проекти и развој, истакна Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече, државниот буџет не почнува од нула на 1 јануари.
Според Стојаноски, тој ги носи и долговите што доспеваат, каматите што мора да се платат и потребата јавните финансии да останат стабилни.
Пратеникот појасни дека во 2027 година доспеваат обврски за сервисирање и рефинансирање на долг во поширок износ од околу 124,6 милијарди денари, односно приближно две милијарди евра.
Во директниот буџетски приказ, само за отплата на главнина се предвидени, како што рече, 64,7 милијарди денари: 46,5 милијарди за надворешен и 18,1 милијарда за домашен долг.
Според него, особено треба да се нагласи еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, која доспева за отплата во 2027 година. Само за камати, нагласи пратеникот, се планирани 24,9 милијарди денари, или околу 405 милиони евра.
„За 2027 и 2028 година ќе треба да се обезбеди ликвидност од околу пет милијарди евра: приближно 2,4 милијарди во првата и 2,7 милијарди во втората година.
Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, или 5,7% повеќе во однос на ребалансот за 2026 година. Расходите изнесуваат 440,4 милијарди, со раст од 4,8%. Буџетскиот дефицит се намалува од 4,1 на 3,5% од БДП.
Дополнително, примарниот дефицит, односно дефицитот без каматите, се намалува за околу 5,1 милијарда денари.
Тоа, додаде тој, е важно бидејќи покажува подобрување на основната буџетска позиција и покрај растечкиот трошок за сервисирање на долгот.
Во однос на ребалансот за 2026 година, проектираниот раст е 6,4%.
Како што нагласи Стојаноски, во 2027 година само од ДДВ се планирани 100,4 милијарди денари, од данок на личен доход 42 милијарди, а од данок на добивка 27,5 милијарди денари.
„За 2027 година е проектиран економски раст од 3,8%, а растот на бруто-инвестициите е планиран на 6,8%. Тоа е цел што же ја оствариме со многу работа. За капитални проекти во самиот буџет се предвидени 40,8 милијарди денари, околу 663 милиони евра. Покрај 40,8 милијарди денари капитални расходи во Буџетот, за 2027 година се предвидени и 18 милијарди денари инвестиции преку Јавното претпријатие за државни патишта, средства што се планираат надвор од директната буџетска капитална рамка.
За активни мерки за вработување во 2027 година се планирани 2,9 милијарди денари, 20,8% повеќе од 2026 година.
За 2027 година е проектирана инфлација од 3,2%. Затоа бројките за плати, пензии и социјална поддршка мора секогаш да се гледаат и низ куповната моќ на граѓаните. Номинално поголем износ не е доволен ако услугите не се подобрат или ако трошоците растат побрзо. И наредната година ќе имаме најниска инфлација во регионот. Што ќе добијат граѓаните од Буџетот за 2027 година?Одговорот е во приоритетите што ги поставуваме: 123,8 милијарди денари за пензии, 58,7 милијарди денари за здравствена заштита, речиси 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување и 40,8 милијарди денари за капитални инвестиции“.
Нашата амбиција, додад тој, мора да биде Македонија да стане држава во која младите ќе гледаат перспектива, семејствата ќе чувствуваат сигурност, а секој човек што чесно работи ќе има можност да напредува. И затоа јас ќе го поддржам овој Буџет.


