Понеделник, 2 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ДИК за изборите за градоначалник во Брвеница: Јахиј освои 4.442, а Радичевски 4.177 гласови

Кандидатот на  Национална алијанса за интеграција Аркин Јахиј на вториот круг од изборите за градоначалник во Брвеница освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски 4.177 гласови, објави Државната изборна комисија на прес-конференција. Ова се првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат од сите 24 избирачки места во десетте населени места во општина Брвеница.

Одѕивот на гласачите е 54, 29 отсто односно на гласање излегле 8. 820 избирачи.

Претседателот на ДИК Бојан Маричиќ на прес-конференција изјави дека гласањето минало во фер и демократска атмосфера.

Приговори за гласањето може да се поднесат до вторник.

Подносителите на листи на кандидати имаат право да поднесат приговори до ДИК за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето. Приговорите може да се поднесуваат најдоцна до вторник, 3 ноември до 19 часот. ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот да донесе одлука во однос на приговорот, а против одлуката на ДИК подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на жалбата.

ДИК конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност а тоа значи 24 часа по завршување на целосната постапка по приговорите.

– Ги очекуваме записниците од сите избирачки места и утре во текот на денот ќе закажеме седница за соопштување на првичните официјални резултати – најави Маричиќ на прес-конференцијата.

Поврзани вести