Понеделник, 9 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

ДУИ: Законот за употреба на јазиците не е предмет на политичко пазарење, никој нема право да го прогласува албанскиот јазик за неважечки во институциите

Непочитувањето на Законот за употреба на јазиците прераснува во загрижувачки тренд во државните институции на Северна Македонија, реагираат од ДУИ.

Од партијата оценуваат дека сè почесто, раководителите на институциите ја преземаат улогата на судии, бескрупулозно прекршувајќи го законот и одлучувајќи според сопствената волја дали албанскиот јазик треба да се користи во службената комуникација.

„Последната пријава за вакво постапување доаѓа од извори во Институтот за јавно здравје, од каде што дознаваме дека актуелната директорка, Марија Андоновска, им наредила на сите сектори службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик.

Според информациите со кои располагаме, раководителите на секторите добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат и дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик.

Со кое право директорка на државна институција си дозволува да прогласува за неважечки документи што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот“.

Подеднакво загрижувачки како и овие постапки, додаваат од оваа партија, е молкот на претставниците на „ВРЕДИ“.

„Претставниците на „ВРЕДИ“, освен што покажуваат неспособност да го заштитат албанскиот јазик, сега стануваат и глуви пред флагрантните прекршувања на законот.

Наместо да ги искористат правните и институционалните механизми за да обезбедат негова примена, тие го избраа молкот и рамнодушноста.

Каква смисла има нивното учество во Владата ако не се во состојба да обезбедат ниту почитување на закон што веќе е во сила“.

Според ДУИ, нивниот молк повеќе не претставува само политичка неспособност, туку прераснува во охрабрување за сите оние функционери што се осмелуваат да го прекршуваат законот.

„И за иронијата да биде уште поголема, ваквите постапки, како случајот со Институтот за јавно здравје, се случуваат само неколку дена по објавувањето на најнегативниот извештај за Северна Македонија од Советот на Европа, во кој, меѓу другото, експлицитно се посочуваат и проблемите со почитувањето на јазичните права.

Наместо овој извештај да послужи како аларм за Владата, сведоци сме на спротивното: функционери што се однесуваат како да стојат над законот и политички претставници што молчат пред нив.

Затоа, денес директно ѝ се обраќаме на Владата на Република Северна Македонија:

Внимателно и темелно преиспитајте ги постапките на вашите функционери, кои се осмелуваат да се поставуваат над законот!

Бараме конкретна одговорност за непочитувањето на Законот за употреба на јазиците.

И конечно, време е Инспекторатот за употреба на јазиците да излезе од своето засолниште на срамот и да почне да ја извршува должноста за која е основан“.

Инспекторатот, додаваат од ДУИ, мора веднаш да спроведе институционален надзор и да преземе соодветни правни мерки против сите оние што го прекршуваат важечкиот закон, без оглед на функцијата или политичката припадност.

„Законот за употреба на јазиците не е прашање на желба, ниту предмет на политичко пазарење. Тој претставува обврска што мора да ја почитуваат сите.

Никој нема мандат да се поставува над законот и никој нема право да го прогласува албанскиот јазик за неважечки во институциите на оваа држава“.

Поврзани вести