Мицкоски: Непристојно е да се навредуваат професори, Владата е пријател и поддржувач на студентите

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар на изјавата на Бленди Ходаи во однос на студентскиот оброк, кажа дека како редовен универзитетски професор бил непријатно изненаден и шокиран.
„Јас ја слушнав изјавата не само од оваа лице, туку и од други поединци. Во најмала мерка како редовен универзитетски професор, педагог и родител можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење кое што понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно“.
Мицкоски додаде дека жали што тој не бил на состанокот со легитимните претставници на студентските движења на кои било разговарано за студентскиот оброк.
„Нешто што ние го работиме во Владата, во рамките на она за кое што јас зборував да можат студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума која што ќе биде одобрена на месечно ниво, да продолжат и понатаму да го користат во ланците за дополнителни попусти, дополнителни привилегии. И би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач бидејќи на крајот од денот политиката и оваа денешна моја позиција се минлива и менлива категорија“.
Кога сето ова ќе заврши, Мицкоски порача дека повторно ќе се врати на Универзитетот и ќе работи и другарува со студентите.
„И ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, кое што се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи. Тоа го покажавме и го потврдиме како Влада. Сите оние проекти кои што беа застанати од студентските домови, преку електронските уреди кои што ги обезбедивме за секој еден студент, сите ученички и студентски домови кои што допрва ќе се реализираат, новите универзитетски кампуси на неколку универзитети се само потврда дека оваа влада е пријател на студентите, и така ќе продолжи. Поединци се разбира може нема да се согласуваат со оваа политика, но непристојно е би рекол редовни професори на таков начин бидат понижувани и навредувани на отворена сцена.“

