Недела, 22 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Гаши за Денот на албанската азбука: Почитувањето на јазикот и идентитетот е темел на заедничката иднина

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, потсетувајќи на значењето на Битолскиот конгрес од 1908 година за албанскиот јазик, образованието и националниот идентитет.

„Почитувани граѓани Албанци, 22 Ноември, Денот на албанската азбука, нè потсетува на еден од најзначајните моменти во албанската историја. Конгресот во Битола од 1908 година означи пресвртница за јазикот, образованието и националниот идентитет. Битола стана местото каде што албанските преродбеници ги обединија знаењето, визијата и посветеноста за една заедничка цел“, истакнува Гаши.

Тој посочува дека одлуката за стандардизација на албанската азбука била повеќе од јазично достигнување, односно чин на единство и одговорност кон идните генерации.

Според Гаши, албанскиот јазик е обединувачка врска за Албанците, носител на нивната историја и израз на достоинството на народот, а во Македонија претставува и мост на комуникација, разбирање и соживот.

„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, во која Албанците се државотворен народ, овој ден го сметам како момент за размислување за нашата заедничка одговорност да ги гарантираме еднаквоста, почитувањето на јазичниот и културниот идентитет, правичната застапеност и еднаквите можности за сите. Ова се темелни вредности за изградба на демократска, праведна и инклузивна држава“, наведува Гаши.

Тој порачува дека почитувањето на јазикот и идентитетот на едни со други е темел на единството и заедничката иднина.

Поврзани вести