Изборен ден во Брвеница: 16.256 граѓани со право на глас избираат градоначалник

Жителите на Општина Брвеница денеска гласаат на предвремени локални избори за избор на градоначалник. Избирачките места се отворени од 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.
Во Избирачкиот список се евидентирани 16.256 граѓани со право на глас од десетте населени места во општината. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, додека девет избирачи се наоѓаат во затвор или во притвор.
По затворањето на избирачките места ќе започне сумирањето на гласовите, а првичните резултати ќе се објавуваат согласно утврдените рокови.
Државната изборна комисија ќе ги објавува сукцесивно првичните резултати добиени по електронски пат, додека податоците врз основа на записниците од Општинската изборна комисија треба да бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на гласањето.
Општинската изборна комисија има рок од седум часа по затворањето на избирачките места за објавување на првичните резултати врз основа на податоците од избирачките одбори. Резултатите ќе бидат истакнати и на огласната табла во општината и соопштени преку јавните гласила.
Според изборните правила, за кандидат да биде избран за градоначалник во првиот круг, потребно е да освои мнозинство од гласовите на избирачите кои гласале, под услов на изборите да излегле најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи.
Доколку не биде исполнет законскиот услов за излезност, изборната постапка се повторува.
Конечните резултати ги утврдува и објавува Државната изборна комисија во согласност со законските рокови.



