Петок, 20 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Македонски здравствени работници ќе се обучуваат во Едрене

Министерот за здравство Сашо Клековски и ректорот на Универзитетот Тракија од Едрене, проф. д-р Мустафа Хатиплер, денеска во Скопје потпишаа протокол за соработка во областа на здравството, со важност од пет години.

Протоколот е потпишан во рамки на проектот „Мостови на братството“ — балканска соработка во здравството и обука во текот на работата, што Универзитетот Тракија го спроведува со поддршка на Министерството за здравство на Република Турција. Македонија е третата земја вклучена во проектот, по Косово и Бугарија.

Соработката предвидува: стручни престои и практична обука на македонски здравствени работници на Медицинскиот факултет и во Универзитетската болница во Едрене; размена на знаење и клиничко искуство меѓу стручните тимови; заеднички научни истражувања и стручни настани; институционална соработка што, покрај медицината, ги опфаќа и стоматологијата, фармацијата и здравствените науки.

Протоколот е продолжение на меморандумот за разбирање во областа на здравството што министерот Клековски го потпиша со министерот за здравство на Република Турција, Кемал Мемишоглу, во октомври годинава во Истанбул, каде што стручната размена и специјалистичката едукација беа определени како приоритетни области.

Во делегацијата на Универзитетот Тракија беа и проректорот и декан на Медицинскиот факултет проф. д-р Седат Устундаг, деканот на Факултетот за стоматологија проф. д-р Али Јилмаз и директорот на Универзитетската болница проф. д-р Алкин Чолак.

„Договорите вредат онолку колку што од нив ќе почувствува корист еден пациент. Со овој протокол нашите здравствени работници добиваат место каде ќе се доусовршуваат, а знаењето што ќе го донесат останува тука“, изјави министерот Клековски.

Поврзани вести