Мицкоски: Најголемата победа на општеството е секое дете да добие можност да победи во животот

Постојат институции чија вредност не се мери само со годините на нивното постоење, туку со човечките судбини што ги промениле, со надежта што ја вратиле и со иднината што помогнале да се создаде. Една таква институција е Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 80 години постоење на Домот.
„Осум децении традиција, човечност и посветеност. Осум децении во кои генерации деца пронашле сигурност, поддршка и можност да изградат подобар живот. И зад сето тоа стои една голема човечка мисија – ниту едно дете да не биде оставено само пред предизвиците на животот. Денес одбележуваме значаен јубилеј, но истовремено ја потврдуваме и нашата заедничка одговорност кон оние на кои најмногу им е потребна поддршка. Затоа што силата на една држава не се мери само преку економските резултати, изградените патишта или големите инвестиции. Нејзината вистинска сила се препознава и во начинот на кој се грижи за најранливите, во солидарноста што ја покажува и во можностите што ги создава за секој свој граѓанин“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека секое дете има право на достоинствено детство, на образование, на љубов и на можност да ги оствари своите соништа. Токму затоа, додаде Мицкоски, постојат институциите и токму затоа државата има обврска да обезбеди услови во кои животните околности нема да ја предодредуваат иднината на детето.
„Во изминатите осум децении, Детскиот дом „11 Октомври“ бил многу повеќе од установа за згрижување. Тој бил место на кое се градела доверба, се надминувале животни тешкотии и се создавале нови почетоци. Денес, со современите форми на згрижување, со станбените единици и со поддршката на згрижувачките семејства, оваа институција продолжува да ја развива својата мисија, ставајќи ги во центарот индивидуалните потреби, достоинството и благосостојбата на секое дете. И тоа е суштината на современата социјална заштита. Да не гледаме само на обезбедувањето сместување и основна грижа, туку на создавањето вистинска семејна атмосфера, на емоционалната сигурност, образованието, личниот развој и подготовката за самостоен живот“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека особена благодарност денес заслужуваат згрижувачките семејства, луѓето кои со својата хуманост покажуваат дека семејството не го создаваат само крвните врски, туку и љубовта, пожртвуваноста и чувството на припадност.
„Вие сте доказ дека големите човечки дела често се случуваат далеку од очите на јавноста, во секојдневните разговори, во грижата за училишните обврски, во охрабрувањето по неуспехот и во радоста за секој детски успех. Вашата улога е незаменлива, а нашата обврска како институции е да ви обезбедиме поддршка, стручна помош и услови во кои ќе можете успешно да ја исполнувате оваа благородна мисија“, им се обрати Мицкоски.
Тој нагласи дека грижата за децата без родители и без родителска грижа не е само прашање на социјална политика, туку прашање на нашата човечка и национална одговорност.
„Нашата цел е да градиме систем кој нема само да ги заштитува децата, туку ќе ги охрабрува да ги развиваат своите способности, да стекнуваат знаења и вештини и да станат самостојни, успешни и рамноправни членови на општеството. Посебно внимание мора да посветиме на преминот од згрижувањето кон самостојниот живот, затоа што вистинскиот успех на системот не се мери само со грижата што ја обезбедуваме денес, туку и со можностите што ги отвораме за утре. Образованието, професионалното оспособување, вработувањето и социјалната интеграција мора да бидат дел од еден поврзан и одржлив пристап. Тоа е насоката во која треба да се развива нашиот систем на социјална заштита. Систем кој ќе препознава потенцијал наместо ограничувања и кој на секое дете ќе му даде можност да успее“, рече Мицкоски.
На крајот тој упати порака: „Ниту едно дете не смее да биде заборавено. Ниту еден детски сон не смее да биде однапред изгубен. И ниту една животна судбина не смее да остане без шанса“.

