Петок, 30 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„Незгоден тип со огромно его, Реал е подобар без него“

Лотар Матеус (65), легендарниот германски фудбалер и светски шампион од 1990 година, жестоко го критикуваше Винисиус Жуниор (26). Во разговор со новинарите пред дербито помеѓу Баерн и Борусија Дортмунд, тој рече дека Винисиус е најголемиот проблем на „кралскиот клуб“, дека неговото однесување му штети на тимот и дека тренерот Жозе Мурињо треба да го остави на клупата.

Матеус ги искажа критиките по победата на Реал од 2:1 против Барселона во Ел Класико. Винисиус не настапи поради суспензија од четири натпревари, која ја доби по црвениот картон против Виљареал. Германецот верува дека Реал без Бразилецот покажа кдека може да игра подобро и поорганизирано.

„Ме интересира што ќе прави Реал Мадрид со Винисиус Жуниор. Бидејќи без него, Реал функционира подобро. Тоа е сега работа на Мурињо. Што да се прави со Винисиус? По две или три години, тие повторно победија во Ел Класико во Барселона. Играа добро дури и без Винисиус, кој беше заменет во Рим, каде што на крајот победија со 4:3“, рече Матеус, пренесува германски „Билд“.

„Тој е човек кој создава немири. Тој е непријатен човек. Таков е. Тој не е добар за тимот. Исто така, постои и неговиот целокупен имиџ во јавноста. Затоа ми беше мило што не заврши меѓу првите десет во изборот за Златната топка“, рече Германецот.

Потоа Матеус го спореди однесувањето на Винисиус со однесувањето на Хари Кејн, англискиот напаѓач на Баерн и освојувач на Златната топка.

„Токму тоа го разликува Хари Кејн. Дури и надвор од теренот, тој покажува разбирање за сите, одвојува време за сите и се однесува како господин. А Винисиус Жуниор не е таков“, рече тој.

Матеус верува дека Реал Мадрид се соочува со проблем што не постои во Баерн и Барселона.

„Фала му на Бога, Баерн Минхен нема такво нешто. Ни Барселона нема. Реал Мадрид го има тој проблем. Проблемот на Реал Мадрид се вика Винисиус Жуниор. Кога го нема, тимот работи. Подисциплинирано е, сите играат еден за друг, заедно. Со него, сè е прашање на его. Огромно его и неговиот говор на телото. И тоа му штети на тимот, му штети и на клубот“, рече Матеус.

Германската легенда верува дека раководството на Реал треба да реагира на однесувањето на Бразилецот. Во исто време, тој ги издвои претседателот Флорентино Перез и тренерот Мурињо.

„Се надевам, за доброто на Реал Мадрид, дека во одреден момент претседателот ќе има јасен разговор со Винисиус Жуниор, дека или ќе се доведе во ред или Мурињо ќе го остави на клупата“, рече Матеус и заклучи:

„Кога е суспендиран, не може да игра, но дури и целосно здрав Винисиус Жуниор може да седи на клупата бидејќи, според мене, гледано однадвор, му штети на тимот. И на клубот.“

Оваа сезона, Винисиус е еден од најкоментираните играчи на Реал. Во последниот избор за Златната топка, тој заврши на 17-то место, а Матеус верува дека неговото однесување не одговара на стандардите што треба да ги претставува една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал.

Foto/ Depositphotos

Поврзани вести